За обвинувањата на премиерот оти Мицкоски наредил да се напаѓа неговата сопруга од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, за време на седницата за реконструкција на Владата, пратеникот Бојан Стојаноски од оваа партија му порача на Ковачевски оти е срамота кога се лаже и кога во лагите свесно го вплеткува своето семејство
Изјавата дека некој ви нарачувал видеа за социјалната мрежа ТикТок во јули 2022 година е толку нецивилизирана и некултурна што навистина е дно да се коментира. Вака пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, одговори на обвинувањето кое претходно денеска беше упатено до лидерот на неговата партија од страна на премиерот Димитар Ковачевски.

Претходно денеска, за време на денешната прес-конференција во владиниот прес-центар, премиерот го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оти по негова наредба минатата година биле правени недолични видеа за неговата малолетна ќерка кои потоа биле објавени на социјалната мрежа ТикТок.
„Човекот што го набедувате дека ги нарачал тие снимања треба Ковачевски да го праша Олвиер Спасовски зошто под посебна оперативна кампања полицијата и единицата ‘Алфи’ ги набљудувале неговото семејство и неговите малолетни деца, а потоа да разговарате за тоа кој нарачувал и кој конструирал видеа на ТикТок за нечии малолетни деца“,
рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ за време на денешното продолжение на 104. собраниска седница.
За обвинувањата на премиерот оти Мицкоски наредил да се напаѓа неговата сопруга од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, за време на седницата за реконструкција на Владата, Стојаноски му порача на Ковачевски оти е срамота кога се лаже и кога во лагите свесно го вплеткува своето семејство.
„Тоа што некој спомнува одреден член на вашето семејство, кој во случајот е ваша сопруга, за одредени вложувања требало да размислувате пред да ги давате тие изјави дека некој сам влегол во бизнисот и сам вложил средства“,
додаде пратеникот Стојаноски.
Опозицискиот пратеник се осврна и на, како што вели, навредата врз основа на физичкиот изглед која Ковачевски ѝ ја упатил на неговата сопартијка од ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменковска-Трајковска, за време на едно од продолженијата на собраниската седница за реконструкција на Владата.
На оваа тема претходно денеска Ковачевски повтори оти бил погрешно разбран и пренесен, но дека сепак ѝ се јавил и на пратеничката и на претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ да се извини доколку се почувствувале навредени од неговата изјава.