Прилепските мечкари традиционални го отворија карневалот, а посетители имаше и од земјава и од странство. Многу е убаво, дојдовме, вели еден од гостите од Грција, зашто слушнавме дека е многу интересно за Прочка
Прилеп денеска по 21. пат беше домаќин на карневалот „Прочка 2023“. Над 500 маскирани со преку 20 групни маски дефилираа во центарот на градот. Карневалот, традиционално го отворија прилепските мечкари како заштитна карневалска маска.
На булеварот „Гоце Делчев“ покрај мечкарите, дефилираа и учесници со маски за каменото време, дечиња маскирани во часовници, другарот Тито, забавувачи на штули…
Љупчо Николоски, член на здружението „Прилепски мечкари“, нагласува дека силна е традицијата за мечкарите.
„Ја продолжуваме традицијата на прилепските касапи и маскирањето во мечкари. Касапите кои цела година колеле животни, на Прочка бараат прошка и оттука е долгата традиција на маскирање со сурати, клопотарци, со кожи од животните. А ’суратите‘ мора да бидат страшни“,
објаснува Николоски.
Посетители имаше и од земјава и од странство.
„Ние сме од Куратица, Охридско. Дојдовме на карневалот во Прилеп со нашата маска. Имаме и кај нас карневалски свечености, ама се на Василица. Соработуваме со Прилеп. Нашата маска го претставува доаѓањето на Тито во нашето село. Овде во Прилеп го носиме нашиот Тито, тука се и нашите селани и ќе направиме голема изведба“,
рече Никола Аврамовски од Куратица.
Како гостин, по првпат на карневалот беше и Парис Анамитис од Грција, кој вели дека е воодушевен од атмосферата.
„Доаѓаме од Кожани, Грција. Сме биле во Прилеп, ама на Прочка сме првпат, зашто слушнавме дека е многу интересно за карневалот. Многу е убаво“,
вели гостинот од Грција.
Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески ја нагласува карневалската традиција за Прочка, но и простувањето.
„Да се проштава и да се бара прошка е голема човечка доблест. Така е и на Прочка, во името на традицијата мечкарите кои датираат уште од 30-тите години на минатиот век, ја одржуваме оваа традиција и покажуваме креативност, сето во духот на традицијата и желбата помалиот да му прости на повозрасниот“,
рече Јовчески.
Стручно жири ќе ги одбере најдобрите маски на годинашниов карневал, а прилепските мечкари ги покануваат сите на традиционален понеделничен посен грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“ во близина на Прилеп.





Извор: МИА