Со антиалбанскиот вокабулар, кој освен ВМРО-ДПМНЕ го користи и Левица, додаде Таравари, се создава една општа атмосфера дека Албанците се тие што ја кочат државата, дека сакаат да го сменат Уставот по секоја цена или дека се однесуваат како да се против Македонците
Со антиалбанската реторика, ВМРО-ДПМНЕ си наштетува себеси бидејќи по следните избори нема да може да си најде албански партнер за соработка, порача лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, во синоќешното гостување во емисијата „Аргумент“ на албанскиот сервис на Македонската радиотелевизија (МРТ).

Со антиалбанскиот вокабулар, кој освен ВМРО-ДПМНЕ го користи и Левица, додаде Таравари, се создава една општа атмосфера дека Албанците се тие што ја кочат државата, дека сакаат да го сменат Уставот по секоја цена или дека се однесуваат како да се против Македонците.
Зборувајќи за обвинувањата кои ВМРО-ДПМНЕ ги има кон партиите од албанскиот блок, особено кон ДУИ и кон Алијанса за Албанците, Таравари вели дека оваа, како што рече, руски контролирана партија има цел да го претстави во јавноста како радикален и корумпиран политичар.
„Имаат две цели со таа руска пропаганда – едната е да го претстават Таравари како радикален, како националист, шовинист, ултранационалист, а втората – дека сум корумпиран. Треба да знаат дека неколку пати сум кажал оти не сум човек што дозволува да биде уценуван и не можам да бидам корумпиран. Во моментот кога ќе ме уценуваат, нема да се занимавам со политика, одам во пензија“,
порача првиот човек на Алијанса за Албанците.
Во оваа насока, лидерот на АА вели дека ВМРО-ДПМНЕ го искористила ставот на Таравари дека ако уставните измени не бидат изгласани, ќе дојде до радикализација и обвинила дека тој сака дестабилизација и војна.
Со ова што сега го прави ВМРО-ДПМНЕ, Таравари гледа враќање на „груевизмот“.