Од утре ВМРО-ДПМНЕ започнува со иницијативата „Вашите проблеми, заеднички решенија: затоа што ја сакам Македонија“, преку која ќе може граѓаните да испраќаат проблеми, идеи и решенија, а кои партијата ќе ги земе предвид.
Ова го соопшти потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, кој рече дека внимателно ќе ги разгледуваат предлозите на граѓаните.
„Имаме сериозни предизвици во однос на здравствената заштита, во однос на економијата особено малото стопанство, сериозни проблеми во земјоделието, општините. Повикот е отворена врата и подадена рака за сите кои имаат мислење, предлог или идеја која сакаат да се имплементира. Сега е време да им помогнеме на вистинските херои кои секојдневно се на првата линија во борбата со вирусот“,
рече Мисајловски.
Тој ги повика граѓаните да испраќаат предлози за мерки за да им се помогне на економски најпогодените од кризата, како угостителите, малите и средни претпријатија, културните работници, туристичките работници, занаетчиите, на невработените лица и на сите останати кои имаат потешкотии во својата работа и егзистенција.
„Сега е време да помогнеме на секој и секаде, сега е време за целосна солидарност. Тука сме да помогнеме. Не е време за пресметки, време е за работа и одлучност. Мора и владата да покаже зрелост. Од она што ќе го покаже наредните неколку недели, ќе зависи иднина што ќе ја обезбедиме“,
додаде Мисајловски.