Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников се заблагодари за целата поддршка која неговата земја ја добила од Северна Македонија и порача дека украинскиот народ тоа нема да го заборави. Нарекувајќи ја Петровска храбра министерка, која во знак на пријателство допатувала во храбра земја, тој потенцира дека Украина е решена да го врати мирот
Уште од самиот почеток на воената инвазија на Украина, Северна Македонија застана на страната на правдата и ја осуди неоправданата и со ништо неиспровоцирана руска агресија, порача министерката за одбрана Славјанка Петровска за време на средбата со нејзиниот колега Олексеј Резников во рамки на посетата на Киев.
„Ние бевме јасни и гласни од самиот почеток на агресијата, пред речиси точно една година кога рековме ‘не’ на крвопролевањето, ‘не’ на уништувањето во 21 век. Ваков чин на брутална агресија и терор врз цивилно население, деца, жени, стари лица, се незамисливи за која било цивилизација во 21 век. Мирот мора да биде вратен веднаш“
рече министерката за време на заедничката прес-конференција со Резников.

Петровска се осврна и на досега укажаната хуманитарна и воена помош за Украина која, како што рече, ја даваме зашто цврсто веруваме во правото на секоја земја за самоодбрана и почитувањето на правилата и принципите на кои се заснова меѓународната заедница.
Украинскиот министер за одбрана се заблагодари за целата поддршка која неговата земја ја добила од Северна Македонија и порача дека украинскиот народ тоа нема да го заборави.
Нарекувајќи ја Петровска храбра министерка, која во знак на пријателство допатувала во храбра земја, Резников потенцира дека Украина е решена да го врати мирот.
Во рамки на посетата на Киев, Петровска положи венец на Ѕидот на паднатите за Украина, а, како што информираат од Министерството за одбрана, го посети и градот Ирпин за да посведочи за разрушувањата предизвикани од руската инвазија.

Посетата на Петровска на Украина е на само два дена од годишнината од почетокот на руската инвазија на Киев која започна на 24 февруари минатата година.