Почетокот на кампањата на провокации историчарот го гледа кај бугарската страна, на што потоа се надоврзала и македонската бидејќи, како што вели, од двете страни на Осоговска Планина постојат политички партии и институции кои имаат интерес односите меѓу двете земји да бидат сè полоши, а од управувањето со нив изборна и бизнис корист да имаат одредени кругови
Она што тој со жалење го истакнува е што на чело на ваквата кампања во последно време застана бугарскиот претседател Румен Радев
Според бугарскиот историчар Димитар Атанасов, односите меѓу С Македонија и Бугарија во моментов се на дното, а нивното влошување го лоцира во почетокот на иницијативите за отворање на т.н. културни клубови – провокација која ја започнала бугарската, а на неа се надоврзала македонската страна.

Атанасов е дел од учесниците на завршната конференција на тема „Демистифицирање на (не)соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“ во организација на Центарот за европски стратегии „Евротинк“, што денеска се одржува во хотелот „Мериот“. Тој своите ставови ги сподели во изјава за новинарите во пресрет на настанот.
„Со жалење ќе кажам дека Бугарија започна, односно од бугарска страна дојде таа кампања на провокации. Македонија одговори, што исто така не е во ред. Односите во моментов можеби се на дното. Оттука натаму од нас зависи дали ќе започнеме да ги подобруваме“,
вели Атанасов.
Тој посочи дека и од двете страни на границата постојат политички субјекти – партии и институции во чиј интерес е односите да стануваат сè полоши, споменувајќи ги во тој контекст ВМРО-ДПМНЕ (во Северна Македонија) и ВМРО-БНД (во Бугарија), со таа разлика што партијата во земјава е претендент за власт, додека бугарската со истиот предзнак е маргинална партија, но која и покрај тоа придонесува за влошување на односите.
„Знаеме дека и од двете страни на границата има партии со предзнакот ВМРО. Од една страна, од македонската страна тоа е партија која е постојан претендент за власт и една од нејзините основни карактеристики е етнонационализмот. Во бугарскиот случај независно од тоа што партијата ВМРО веќе е маргинална и не е сигурно дали ќе влезе во парламентот во моментот не престануваат да ги влошуваат односите“,
вели бугарскиот историчар.
Она што тој со жалење го истакнува е што на чело на ваквата кампања во последно време застанал бугарскиот претседател Румен Радев, истовремено констатирајќи дека и од двете страни на планината Осогово, како што вели, има што да се направи и оти се надева дека двете страни ќе покажат зрелост и капацитет за промена на нештата.
Одговарајќи на прашање околу тоа чија вина е поголема за ваквата ситуација, Атанасов вели дека тоа е тешко да се каже и нагласува дека во моментов можеби тоа и не е главното прашање, туку она дека најпосле треба почнеме да признаваме грешки.
„Јас можам да кажам дека вината од страна на Бугарија е поголема и тоа за мене не е проблем. Прашањето од друга страна е како тоа ќе биде употребено затоа што го има и тој момент. Во ситуација во која едната страна вели дека е повиновна, а другата ќе каже ‘аха и ние тоа го тврдиме, вашата вина е поголема, вие сте виновни’. Не! И ние и вие, и заради тоа треба да почнеме да зборуваме за тие прашања. Во однос на клубот ‘Ванчо Михајлов’ таму (на неговото отворање) беа и поранешни бугарски политичари, таму беше и водачот на бугарската ВМРО во какво својство е многу големо прашање. Беше и потпретседателот на Бугарија, претставник на бугарската институција која очигледно го заштитуваше тој интерес што го кажав, односно конфликтот да биде потпалуван и тоа да биде непрекинато интензивирано со цел неговото управување да води до изборни и бизнис-корист за одредени кругови“,
вели историчарот.
Во врска со прашањето дали Бугарија треба да дозволи земјава да преговара со Европската Унија и без внесување на Бугарите во Уставот, и тоа евентуално да се бара подоцна, бугарскиот историчар вели дека тука неговото мислење е спротивно од она на официјална Софија. Имено, тој смета дека впишувањето на Бугарите во Уставот на земјава е апсолутно бесмислено.
„И со и без тоа Бугарија треба да дозволи преговори на Северна Македонија со Европската Унија. Кога ќе погледнеме историски тие луѓе чии мисли ние ги читаме – Гоце (Делчев), Даме (Груев) тие сакале на Осоговската Планина да нема граница, тие сакале Деве Баир и Ѓуешево да бидат две села и ништо повеќе и меѓу нив да се минува слободно затоа што ние сме различни, но сме доволно блиски и она што го можат Италијанците и Швајцарците, што можат Шпанците и Французите, зошто да не го можат Бугарите и Македонците“,
вели Атанасов.
Изјавите на бугарскиот историчар Атанасов можете да ги погледнете на следново видео (на бугарски јазик).
Според него, изборите се само едно оправдување за недостиг од иницијативи и активности за враќање на односите меѓу Скопје и и Софија во нормала. За него, ваквиот аргументот со изборите е глупав бидејќи, како што вели, во Бугарија нема изгледи дека во следните месеци ќе има стабилизирање на политичката клима, но оти тоа не треба да значи дека државата треба да застане и сите меѓународни односи да бидат ставени на „стендбај“.
„Ако на изборите на 2 април се избере стабилна влада, тоа ќе биде изненадување и за нас Бугарите. Но, тоа не значи дека државата треба да застане и сите меѓународни односи треба да бидат ставени на пауза затоа што некој не е во состојба да направи влада. Ние треба да продолжиме да работиме и тоа нема алтернатива. Неколкупати и македонската страна се правдаше со избори, бугарската исто така го користи тој аргумент, кој е глупав. На тој начин ние кажуваме – не сакаме да преговараме, но ќе си најдеме причина, а за таа да не е глупавиот инфантилен инает ќе направиме тоа да изгледа некако разумно. Не е разумно! Треба да работиме!“,
дециден е историчарот.
На прашањето како би можела и со што да помогне Европската Унија во целата ситуација, Атанасов рече дека таа помогнала колку што можела. Јасно, додава тој, дека европските партнери можат да дејствуваат, но, вели, нема да ни завршат работа.
„Ние не сме деца на детско игралиште пред зграда, па ќе дојде некој возрасен да ни удри по една шлаканица и да каже ти ќе си играш со црвеното камионче пет минути, а ти следните пет минути. Ние треба да покажеме дека во двете општества постои неопходната зрелост за да се разбереме и од тука понатаму да почнеме одново да се зближуваме затоа што пак ќе кажам, ние сме најблиски на Балканот“,
нагласува Атанасов.
На директно прашање дали според него како историчар Гоце Делчев е Бугарин или Македонец, бугарскиот историчар прави дистинкција помеѓу политичкиот и етничкиот идентитет на револуционерот. Меѓу двете, потенцира тој, не постои противречност.
„Од историска гледна точка Гоце Делчев дејствувал за слободата на Македонија и тој на неколку места во неговото архивско наследство наведува дека сака на таа територија да се формира македонска држава. Од таа гледна точка тој е политички Македонец, неговите погледи се во основните на современата македонска држава. На неколку места тој споменува дека е етнички Бугарин и меѓу двете нема противречност. Ќе ви дадам еден пример од мојата сопствена фамилија – братот на мојата баба бил партизан на Франко (шпански диктатор во периодот пред и по Втората светска војна), а после тоа бил партизан на Тито, а тој не е ниту Шпанец ниту Југолосвен, тој е етнички Бугарин. Но се борел како за каузата на франковистите така и за каузата на Титовите партизани. Тоа не го прави помалку политички од едната и помалку етнички од другата страна. Би можеле да ги мериме идентичностите на еден современ начин со еден модерен пристап кој дава можност според академските стандарди и според изворите со кои располагаме да не се расправаме. Гоце Делчев кажал многу добро кој е и кажал во крајна линија која е неговата кауза и за што се борел и нема потреба тоа одново да го пишуваме“,
потенцира Атанасов.
Димитар Атанасов е дел од помладата генерација бугарски историчари кои практикуваат модерен пристап во историската наука. Во својот однос кон македонското прашање се разликува од доминантниот пристап во бугарското општество.
Неговите ставови за конкретни аспекти од отворените прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија тој пред точно една година ги сподели во интервју за „360 степени“, нормално во контекст на тогашните политички состојби во двете земји.