Како што информираат од Министерството, проверките се завршени во Градскиот трговски центар (ГТЦ), трговскиот центар „Ист гејт мол“, хотелот „Мериот“, Музејот на Град Скопје, Спомен-куќата „Мајка Тереза“, Транспортниот центар (Железничка и автобуска станица), Трговскиот центар „Бисер“ и „Џевахир холдинг“
Екипите на Министерството за внатрешни работи завршиле со проверките во дел од објектите за кои утрово пристигнаа закани дека во нив се поставени експлозивни направи и утврдиле дека станува збор за лажни пријави.

Како што информираат од Министерството, проверките се завршени во Градскиот трговски центар (ГТЦ), трговскиот центар „Ист гејт мол“, хотелот „Мериот“, Музејот на Град Скопје, Спомен-куќата „Мајка Тереза“, Транспортниот центар (Железничка и автобуска станица), Трговскиот центар „Бисер“ и „Џевахир холдинг“.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
информираат од МВР.
Но, тука не завршуваат проверките на антитерористичките тимови на МВР, бидејќи дојави за поставени бомби има за уште девет локации, односно објекти, меѓу кои е претседателската резиденција – вила „Водно“.
„Министерството за внатрешни работи продолжува со проверките во преостанатите објекти за кои беше добиена пријава и по завршувањето на проверките соодветно ќе ја информираме јавноста“,
велат од Министерството.
Во тек се проверките во Природонаучниот музеј, Археолошкиот музеј, Музеј на ММБ, зградата „Флетирон“, Управниот суд, вилата „Водно“, хотелот „Александар палас“, Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и Фудбалската федерација на Македонија.
Заканата беше испратена на електронските адреси на повеќе медиуми, меѓу кои и „360 степени“, но и на мејлот на Министерството за внатрешни работи. Сепак, објектите на медиумите и на МВР не беа цел на заканата.
Како што може да се види од заканувачката порака, таа е испратена од мејлот [email protected].
„Нема да застанеме додека корумпираната власт на СДСМ не се тргне. Властите веќе ЗНААТ што треба да прават, но тоа не го прават. Писмото беше пратено одамна. Затоа денес жртви МОРА да паднат“,
стои во заканата.