Правниот тим на Бојан Јовановски-Боки 13 преку писмено соопштение извести дека тој од болничко лекување повторно е вратен во затворот „Идризово“ во претканцерогена состојба. Ваквото постапување, како што нагласуваат, е спротивно на препораките дадени од десетици лекари кои го лекувале Јовановски во изминатиот период, како и на конзилијарните мислења и на лекарските извештаи.
„Во нив јасно стои дека без прекин на казната, услови за лекување на метаплазието на желудник не може да се спроведат во пенални услови, а со оглед на специфичната состојба во која се наоѓа“, соопштува правниот тим на Јовановски.
Во писменото соопштение се приложени низа резултатити од испитувања и наоди кои треба да послужат како документирани докази за неговата состојба.

„Во хистопатолошки наод од Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје се констатира хроничен гастритис со фокуси на интестинална метаплазија. Наодот е рефериран на стручен колегиум на ЈЗУ УК „Св. Наум Охридски“ и тие се едногласни дека доколку не се спроведат дадените препораки за понатамошно лекување на пациентот исклучиво и единствено во задолжителни домашни услови, ќе настанат трајни последици по животот и здравјето на пациентот. Со ваквиот став се согласува и го потврдува и Клиниката за дигестивна хирургија“,
велат од неговиот правен тим.
Тие оценуваат дека Јовановски е мета на невидена и незапаметена тортура, а неговото враќање во затворот во ваква здравствена состојба не е само грубо кршење на неговите права, туку и опасност за неговиот живот.
„Јовановски очекува тортурата кон него да биде поинтензивна и поради сите јавни објави. Ја повикуваме јавноста будно да го следи процесот кој тој го иницираше“,
се додава во соопштението на правниот тим на Бојан Јовановски.