Дали ТЕЦ „Неготино“ ќе продолжи со работа или ќе биде исклучена поради падот на цената на струјата на берзите, министерот Бектеши вели дека уште денеска ќе исконтактираат со ЕСМ за да се добијат податоците и потоа ќе се одбере најевтината варијанта

Ако ЕСМ ни достави податоци дека производствената цена на ТЕЦ „Неготино“ е повисока од увезената цена на електрична енергија, насоката на Владата ќе биде ТЕЦ „Неготино“ да не работи и да се увезува електрична енергија која ќе биде поевтина. Но, досега такви податоци не сме добиле, вели министерот за економија Крешник Бектеши одговарајќи на новинарско прашање дали ТЕЦ „Неготино“ ќе продолжи со работа или ќе биде исклучена поради падот на цената на струјата на берзите.
Бектеши најави дека уште денеска ќе исконтактираат со оваа енергетска компанија за да се добијат податоците.
„Секогаш ќе ја одбереме најевтината варијанта. Ќе ги намалиме сите трошоци на електрична енергија од страна на сите енергетски компании со цел да ги намалиме трошоците за граѓаните и за стопанството и на таков начин да влијаеме врз животниот стандард на граѓаните и нашето стопанство да биде поконкурентно“,
рече Бектеши.
Она што е значајно, според него, е тоа што после 15 години првпат во јануари имаме над 80 отсто производство на електрична енергија од домашните капацитети.
„Ова покажува дека сите институции ја завршиле својата работа и дека справувањето со енергетската криза е успешно“,
констатира Бектеши.
За повлекувањето на струја од страна на ЕСМ во јануари, Бектеши рече дека повлечени се 820 мегавати електрична енергија, но дека ја немаат точната сума. Фактурата до МЕПСО, како што рече, треба да стигне до крајот на февруари.