На средбата со Пирц Мусар, Талат Џафери апелирал за обезбедување гаранции од страна на земјите членки дека по донесувањето на уставните измени преговорите за членство ќе се водат исклучиво согласно критериумите на претходните земји кандидати и со почитување на општо прифатените европски вредности на кои се темели Европската Унија
Донесувањето на уставните измени е неопходен предуслов за Северна Македонија да продолжи во следната фаза на процесот на евроинтеграции. Ова е пораката што новоизбраната претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар, му ја пренела на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, кој е во официјалната посета на Љубљана.

Според Пирц Мусар, затоа е потребно да се изгради внатрешен политички и меѓупартиски консензус за негово успешно спроведување.
Џафери апелирал за обезбедување на гаранции од страна на земјите членки дека по нивното донесување преговорите за членство ќе се водат исклучиво согласно критериумите на претходните земји кандидати и со почитување на општо прифатените европски вредности на кои се темели Европската Унија.
На средбата, како што соопштија од собраниската прес-служба, од страна на Пирц Мусар било потенцирано дека меѓу приоритетите во текот на нејзиниот мандат е продолжување со процесот Брдо-Бриони, особено заради перспективата на Западен Балкан како важна стратегиска одлука за безбедноста, стабилноста и иднината на Унијата.
„Во тој контекст се предлага извесна промена на пристапот со вклучување на младите за нивна поголема регионална интеграција и соработка, што би придонело за надминување на национализмот, предрасудите, популизмот, но и заради нивното значително иселување во последната деценија“, посочуваат од собраниската прес-служба.
Џафери изразил поддршка на иницираните предлози, со укажување дека за спречување на процесот на одлив на млади луѓе од регионот, вклучително и од Република Северна Македонија, потребно е забрзување на евроинтеграцискиот процес со реализација на предвидените реформи, но и подобрување на економската состојба во земјата, обезбедување на нови работни места со соодветни примања, за младите лица да можат да останат дома и да придонесуваат во општествениот живот во земјата.
Претседателката Пирц Мусар пројавила интерес и за моменталниот статус на односите со Република Бугарија и за тековниот скрининг и усогласеноста на домашното законодавство со тоа на Европската унија.
Во рамки на посетата на Република Словенија, претседателот на Собранието Џафери, вчера, оствари средби со неговата колешка, претседателката на словачкиот Државен збор, Уршка Клакочар Зупанчич, со координаторите на пратеничките групи во Државниот збор, како и со членовите на Комисијата за европски прашања и Комисијата за надворешна политика.