ЕСЧП вчера соопшти дека апликациите на осудените и обвинетите од предметите што ги отвори СЈО, а поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги помилува, се недопуштени
По вчерашната одлука на Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП), дека предметите на поранешното Специјалното јавното обвинителство не пропаѓаат, утринава на надвозникот во близина на мостот „Гоце Делчев“ во Скопје се појави транспарент со порака: „Ќе си лежите“.


ЕСЧП вчера соопшти дека апликациите на осудените и обвинетите од предметите што ги отвори СЈО, а поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги помилува, се недопуштени. Судот смета дека обвинетите и осудените не успеале да ги исцрпат домашните правни лекови. Одлуката е финална, соопшти Судот.
Апликациите во Стразбур ги поднесоа дел од поранешните функционери против кои постапки отвори СЈО, a како причина за нив се наведува аболицијата што поранешниот претседател Ѓорге Иванов им ја даде во 2016 година, но по бурните реакции потоа ја повлече.
Пред ЕСЧП тие се жалат дека нивното кривично гонење по даденото помилување претставува кршење на владеењето на правото, како и дека повлекувањето на аболицијата било против правната сигурност.
„360 степени“ обезбеди стручен превод на македонски јазик на правното резиме на одлуката на ЕСЧП, во кое е содржана суштината на објаснувањето зошто жалбите (апликациите) на осудените и обвинетите во предметите на СЈО се оценети како недопуштени.