Наместо дневнополитички препукувања меѓу двете најголеми македонски партии, кои намерно по свое ја толкуваат пресудата на ЕСЧП, конечно треба да ѝ погледнеме на вистината во очи. Главната порака што денес ја добивме од Стразбур е дека правдата пред сè ја делат домашните правосудни органи и тие не можат да ја преземат нивната улога, се вели во реакцијата од Алтернатива

Главната порака што денес ја добивме од Стразбур е дека правдата пред сè ја делат домашните правосудни органи и тие не можат да ја преземат нивната улога. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои 32 години се менуваат на власта, заедно со ДУИ која 22 години е власт, треба да замолчат на оваа тема бидејќи имаат подеднакво одговорност за катастрофалните состојби со владеењето на правото, еднаквоста пред законите и правната сигурност. Ова е наведено со реакцијата на Алтернатива за денешната пресудата на Европскиот суд за човекови права.
„Наместо дневно политички препукувања меѓу двете најголеми македонски партии, кои намерно по свое ја толкуваат пресудата на ЕСЧП, конечно треба да и погледнеме на вистината во очи. Благодарение токму на овие три партии Северна Македонија наликува на ‘Ел Дорадо’ во кое партиите се најголем извор на корупција во државата. Времето за декларативни заложби одамна заврши. Сега е време за акција“,
се додава во реакцијата.
Од партијата велат дека имаат конкретен, издржан и правно формулиран предлог за директно соочување со политичката корупција на партиските кадри во власта.
„Најодговорните партии треба да престанат да избегнуваат да се произнесат за нашиот предлог. Со висок степен на консензус уставниот амандман на Алтернатива за спречување на застарувањето на кривични дела сторени од носители на функции во законодавната, извршната и судската власт, веднаш ќе стане реалност. Да не ја бараме Европската правда во Брисел, Стразбур, Париз, Берлин, да ја донесеме дома. Секогаш има Алтернатива“,
додаваат во реакцијата од партијата која до пред една недела беше дел од владејачкото мнозинство.
Денеска, преку соопштение за медиумите, Европскиот суд за човекови права во Стразбур соопшти дека апликациите на осудените и обвинетите од предметите што ги отвори СЈО, а кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги помилува, се недопуштени поради тоа што не се исцрпени сите домашни правни лекови.