Пратеничката го критикуваше премиерот Димитар Ковачевски зошто не ги објаснил предлозите за разрешување на министрите и замениците од редовите на Алтернатива, туку зборувал за евроинтеграција и порача дека не е европејство тоа што ги врзува новите партнери во Владата, туку тоа се бизнис-интересите

Говорејќи на собраниската седница за реконструкција на Владата, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, рече дека Македонија може да се нарече и „дуистан“ потсетувајќи ги колегите пратеници од Алијанса за Албанците, кои преминаа во владејачката коалиција, дека тие зборувале за опасноста од „дуизација“ во државата.
„Што се однесува до колегите од Алијанса, морам да кажам дека се плашам дека можеби ќе се соочат со истото како оние од Алтернатива. Не е европејството што ги влече во Влада, мислам само дека биле прагматични, или ако не можеш да ги победиш, придружи им се, но тоа не е можно во држава што може да се нарече дуистан. Тие зборуваа за опасноста од дуизација. Кажуваа дека и животите им се загрозени, а што прават сега?“,
заклучи Силјановска.
Новите партнери во Владата, рече таа, ги врзуваат бизнис-интересите, а разрешувањето и именувањето министри во последната година, смета таа, се прави само за да се поентира или поради некој скандал.
Премиерот Димитар Ковачевски го критикуваше зошто не ги објаснил предлозите за разрешување на министрите и на замениците од редовите на Алтернатива, туку зборувал за евроинтеграција.
„Наместо премиерот да образложи зошто разрешување, тој зборуваше за перспективата на Македонија во ЕУ. Антиевропски е да се зборува сите во Владата кои се за ЕУ. Ако сите се во Владата, јас прашувам кој е опозиција, јас велам народот. Во ЕУ се коалицира врз основа на идеологија, а не врз основа на бизнис-интереси. Во Македонија е коалиција секој со секого“,
рече Силјановска-Давкова.
Таа беше еден од говорниците на седницата која денеска го имаше третото продолжение, а на кое повторно можеа да се слушнат меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата, бројни реплики и контрареплики.
Предложената реконструкција на владата во која како нов партнер влегува Алијанса за Албанците, а Алтернатива преминува во опозиција, за ВМРО-ДПМНЕ е „Пазар 3“ коалиција, додека за СДСМ, пак, е фронт кој ќе ја води државата напред кон европската иднина.
Ново продолжение на седницата е закажано за утре во 11 часот.
Дискусијата сè уште се наоѓа на првата точка каде што е ставен предлогот на премиерот Ковачевски да се разрешат министрите за здравство – Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, како и замениците за земјоделство – Абдулшуќур Абедини и за образование и наука – Лулзим Алиу. Сите се од Алтернатива. На листата е и заменик-министерот за одбрана Башким Хасани, кој е дел од „огнената група“ во ДУИ.
Од Владата заминуваат и министрите за правда Никола Тупанчески (СДСМ) и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини (ДУИ), како и заменик-министрите за правда Агим Нухиу (ДУИ) и за здравство Владимир Рендевски (СДСМ). Нивните оставки веќе беа констатирани.
На нивно место, пак, ќе влезат нови министри и заменици, кои доколку биде изгласан предлогот на Ковачевски, ќе бидат:
- Кренар Лога (Алијанса) – министер за правда;
- Фатмир Меџити (Алијанса) – министер за здравство;
- Азир Алиу (Алијанса) – министер за информатичко општество и администрација;
- Каја Шукова (СДСМ) – министерка за животна средина и просторно планирање;
- Тирон Јајага (Алијанса) – заменик-министер за одбрана;
- Вјолца Бериша (Алијанса) – заменик-министерка за земјоделство;
- Викторија Аврамовска-Мандиќ (СДСМ) – заменик-министерка за правда;
- Маја Манолева (СДСМ) – заменик-министерка за здравство;
- Агим Нухиу (ДУИ) – заменик-министер за образование и наука.