Што се однесува на моето наводно заложништво кон Левица, сакам да нагласам дека тоа е ниско ниво на „комуникација“ и на ист начин можам да изјавам дека „се надевам дека господинот Ковачевски не е, и нема и понатаму да биде заложник на водството на ДУИ“, наведува Трајанов во објава на својот фејсбук-профил

Се надевам дека господинот Ковачевски не е, и нема и понатаму да биде заложник на водството на ДУИ. Вака лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, реагира на денешните изјави на премиерот Димитар Ковачевски кој рече оти се надева дека Трајанов, кој е единствен пратеник на Демократскиот сојуз во Собранието, нема да стане заложник на Левица и на нејзиниот лидер Димитар Апасеив.
„Што се однесува на моето наводно заложништво кон Левица, сакам да нагласам дека тоа е ниско ниво на ‘комуникација’ и на ист начин можам да изјавам дека ‘се надевам дека господинот Ковачевски не е, и нема и понатаму да биде заложник на водството на ДУИ’“,
наведува Трајанов во објава на својот фејсбук-профил.
Во врска со нападите од премиерот Димитар Ковачевски дека тој во текот на вчерашниот ден не гласал за Законот за ратификација на Договорот со Фронтекс, Трајанов нагласува дека на седницата гласал за повеќе закони и одлуки.
„Но, имаше паузи, при што присутното мнозинство пред да влезам во салата каде што се одржуваше седницата го гласаше и Договорот за Фронтекс, кој целосно го поддржувам“,
додава Трајанов.
Како и досега, се вели во објавата на Трајанов, немам намера никого да дискредитирам, но подготвен сум да учествувам во сите расправи поврзани со витални прашања кои се важни за граѓаните и за државата.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека му замерил на Трајанов затоа што не гласал за Законот за Фронтекс и дека очекува тој во иднина да дејствува проевропски.
Демократскиот сојуз вчера вечерта, по седницата на Претседателството и Централниот совет, донесе одлука да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и да го напушти парламентарното мнозинство. Одлуката на прес-конференција ја соопшти партискиот лидер Павле Трајанов, кој како причина го наведе неисполнувањето на програмските цели што биле утврдени и усогласени меѓу ДС и СДСМ пред парламентарните избори во 2020 година, а како главни ги наведе реформите во изборниот и во судскиот систем.
Одлуката на Демократскиот сојуз според Ковачевски не претставува нарушување на силината и стабилноста на владиното мнозинство.