„Се покажа вистинското лажно лице на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, не гласаа за Договорот со Фронтекс. Не гласаа за првиот Договор со кој македонскиот јазик официјално влегува во ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ не е само против ЕУ, тие се и против македонски јазик во ЕУ“, критикуваше на прес-конференција и пратеникот на СДСМ во Собранието, Миле Талески.
Законот за ратификација на Договорот со Фронтекс со 61 глас „за“ денеска беше изгласан во Собранието во рамките на 99. седница, а за време на изјаснувањето во пленарната сала не беа присутни пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициските партии
Ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ не беше присутен кога се ратификуваше првиот Договор со ЕУ потпишан на официјален македонски јазик, без фусноти и без додавки – Договорот со Фронтекс, реагираше на прес-конференција по седницата пратеникот на СДСМ, Миле Талески.

Законот за ратификација на Договорот со Фронтекс со 61 глас „за“ денеска беше изгласан во Собранието во рамките на 99. седница, а за време на изјаснувањето во пленарната сала не беа присутни пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициските партии.
„Се покажа вистинското лажно лице на ВМРО-ДПМНЕ, не гласаа за Договорот со Фронтекс. Не гласаа за првиот Договор со кој македонскиот јазик официјално влегува во ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ не е само против ЕУ, тие се и против македонски јазик во ЕУ“,
посочи Талески на прес-конференцијата.
Исто така, истакна тој, се случи и со гласањето за законите поврзани со иницијативата Отворен Балкан кои обезбедуваат поголема мобилност на работната сила и слободен пазар на труд во трите земји кои ја сочинуваат иницијативата. Законите поврзани со Отворен Балкан исто така беа изгласани денеска со 62 гласа „за“, а во рамките на 84. седница.
„Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска одново докажаа дека се деструктивци кои работат спротивно на интересите на државата и граѓаните. Откако со месеци лажеа и ширеа хистерија дека македонскиот јазик ќе бил загрозен, дека ќе имало асимилација и бугаризација, откако не смогнаа сили да честитаат за потпишувањето на Договорот со Фронтекс на официјален македонски јазик, денеска пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за ратификација на овој договор“,
рече пратеникот на СДСМ.
Додека се носат важни закони за граѓаните и државата, нагласи Талески, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ платени со парите од граѓаните не се во пленарната сала на Собранието, на своето работно место и не даваат никаков придонес.
„Од ВМРО-ДПМНЕ се нервозни што не им успеа сценаријата за предвремени избори. Вака, уште долго ќе останат во опозиција“,
порача Талески.
Критики до опозицијата затоа што денеска не го поддржаа Законот за ратификација на Договорот со Фронтекс преку Фејсбук упати и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој е потписник на договорот од македонска страна.
„Благодарност до пратениците кои го поддржаа ратификувањето на првиот договор на македонски јазик (Фронтекс) помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија. Би сакал да потенцирам дека ниту еден пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не беше присутен на собраниската седница. Фронтекс за нас значи потврда за рамноправноста на македонскиот јазик со другите јазици на ЕУ. Затоа, нека им служи на чест на оние кои одбија да го поддржат успехот на државата за кој изминативе години макотрпно работевме“,
напиша Спасовски на својот службен фејсбук-профил.
Со денешната ратификација Договорот со Фронтекс станува дел од внатрешниот правен поредок на државата.
Текстот на предлог-законот Владата го утврди на 20 декември и го испрати на усвојување во Собранието, што се случи денеска.
„Најважен придонес со потпишувањето на овој договор е засилување на безбедноста на граѓаните на Република Северна Македонија, како рамноправен партнер со останатите земји членки на ЕУ, преку споделување на одговорностите за заедничка безбедност на границата на земјите во Европа“,
се наведува во образложението на сега веќе изгласаниот предлог-закон.
Во материјалите за предлог-законот беа содржани факсимили од целосниот текст на Договорот со Фронтекс на сите 25 јазици на кои е потпишан: македонски, бугарски, хрватски, чешки, дански, холандски, англиски, естонски, фински, француски, германски, грчки, унгарски, ирски, италијански, летонски, литвански, малтешки, полски, португалски, романски, словачки, словенечки, шпански и шведски јазик.
Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража – Фронтекс беше потпишан на 26 октомври оваа година. На потпишувањето на Договорот присуствуваше претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која со делегација на ЕК беше во официјална посета на земјава.
Договорот од име на ЕУ го потпишаа амбасадорот на Чешка, Јарослав Лудва, како претставник на чешкото претседателство со Советот на ЕУ и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон кој беше дел од делегацијата на Фон дер Лајен. Од македонска страна, пак, потпис стави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Договорот со Фронтекс како доказ за почитувањето на македонскиот идентитет неодамна го посочи францускиот претседател Емануел Макрон во писмо со честитки и поддршка за постигнатиот напредок кон евроинтеграциите во изминатата година до својот македонски колега, Стево Пендаровски.
„Го поздравувам и потпишувањето на 26 октомври на договорот Фронтекс со Европската Унија, со кој се признава македонскиот јазик, спомнат без забелешки, што покажува дека постигнатиот компромисен предлог целосно го почитува унитарниот карактер на македонскиот идентитет. Можете да сметате на мојата целосна и континуирана поддршка во текот на пристапните преговори“,
се наведува во писмото на Макрон до Пендаровски во кое „360 степени“ имаше увид.