Министерството за надворешни работи на Грција преку официјалниот „Твитер“ профил упати честитки за нашето членство во НАТО, додавајќи дека очекува конструктивна соработка, јави дописничката на МИА од Атина.
„Ѝ честитаме на Република Северна Македонија за нејзиното членство во НАТО како 30-ти член на Алијансата. Добредојде за нашите соседи во НАТО семејството и очекуваме конструктивна соработка во рамките на Алијансата“,
напишаа од грчкото МНР на „Твитер“.
САД, во текот на вчерашниот ден го примија инструментот за пристапување на Република Северна Македонија во Северноатлантскиот договор, со што земјата стана 30-та членка на НАТО. На 30 март знамето на Северна Македонија првпат ќе се развее пред седиштето на НАТО во Брисел.
„Пристапувањето на Северна Македонија во НАТО денеска претставува кулминација на долгогодишните напори на владата и народот на Северна Македонија. Членството на Северна Македонија во НАТО ќе обезбеди поголема интеграција, демократски реформи, трговија, безбедност и стабилност во целиот регион. Членството на Северна Македонија, исто така, дава пример за другите аспиранти дека вратата на НАТО останува отворена за оние земји кои се подготвени и способни да ги спроведат реформите потребни за исполнување на високите стандарди на НАТО и да ги прифатат одговорностите и придобивките од членството“,
стои во соопштението од Стејт Департментот.