Некомплетна документација е причината за поништувањето на јавниот повик кој беше распишан на 20 декември минатата и траеше до 26 јануари оваа година, а на кој понуди доставија авиокомпаниите „Визер“, „Луфтханза“ и „Аегеан ерлајнс“
Министерството за транспорт и врски денеска соопшти дека го поништило огласот за субвенционирање на нови авиолинии на двата аеродроми во земјава – во Скопје и во Охрид и дека ќе распише нов.

Некомплетна документација е причината за поништувањето на јавниот повик кој беше распишан на 20 декември минатата и траеше до 26 јануари оваа година, а на кој понуди доставија авиокомпаниите „Визер“, „Луфтханза“ и „Аегеан ерлајнс“.
„Сакаме да информираме дека на јавниот повик кој траеше до 26 јануари 2023 година, документација доставија три авиокомпании. Од страна на Комисија составена од членови од неколку државни институции се изврши евалуација на доставените понуди и притоа Комисијата констатира дека авиокомпаниите не ја доставиле комплетната документација пропишана во условите од јавниот повик. Согласно тоа, Комисијата донесе одлука за поништување на јавниот повик“,
се наведува во соопштението од Министерството за транспорт и врски.
Очекувањата на Министерството се дека новиот јавен повик за финансиска поддршка за нови авиолинии за периодот 2023 – 2025 година Комисијата ќе го распише во најбрз можен рок.
„Јавниот повик ќе се објави во согласност со политиките на фер и конкурентски услови согласно регулативата на Европската Унија, а целта е да се поттикне и развива воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија и да се овозможи поголем број на дестинации за граѓаните“,
велат од Министерството за транспорт и врски.
Оттаму нагласуваат дека Владата преку Министерството е силно посветена на реализација на програмската определба за развој на авиосообраќајот.
„Нашата цел е да ги искористиме капацитетите што ги нуди Меѓународниот аеродром „Скопје“ и охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ и да овозможиме квалитетни услуги со поширок спектар на дестинации за граѓаните преку конкурентни цени на авиобилетите“,
наведуваат од Министерството за транспорт и врски.
Инаку, за оваа намена, како што претходно информираа од надлежното министерство, е предвидена финансиска поддршка од 1,1 милион евра, а ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации:
- Период на oперирање на дестинацијата,
- Број на неделни летови,
- Атрактивност на аеродромот кон кој оперира,
- Број на седишта понудени на продажба.
Поддршка од седум евра во денарска противвредност ќе се исплатува по патник во заминување превезен од скопскиот аеродром и од 4,5 евра по патник од охридскиот аеродром.
Од Меѓународниот аеродром „Скопје“ до 36 дестинации сообраќаат 11 авиокомпании – „Ер Србија“, „Аустриан ерлајнс“, „Кроација ерлајнс“, „Еделвајс“, „Чер ерлајнс“, „Пегасус ерлајнс“, „Туркиш ерлајнс“, ЛОТ, „Егеан“, „Визер“ и „Изиџет“.
Од охридскиот „Св. Апостол Павле“, пак, сообраќаат две авиокомпании, и тоа „Визер“ и „Чер ерлајнс“ и тоа до четири дестинации.
Меѓународниот Аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид 2022 година ја завршиле со приближно 2,4 милиони патници и 19 448 летови. Двата аеродрома забележале 70 отсто пораст во патничкиот сообраќај во 2022, споредено со 2021 година, додека споредено со референтната година во воздухопловството, 2019 година, патничкиот сообраќај е на -11 отсто, односно 89 отсто стапка на закрепнување согласно статистиката на патничкиот авиосообраќај за 2019 година.