Ваквиот потег на Министерството следува по реакциите на јавноста за низата грешки кои се најдоа во новите учебници, главно за основно образование
По бурните реакции кои изминатиов период ја преплавија јавноста околу содржината на дел од новите учебници за основно образование, Министерството за образование и наука (МОН) најави дека ќе ја вклучи јавноста во процесот на измени во постојните, но и во изработката на нови наставни програми за овие и за учебниците за средно образование.
Во таа насока, МОН ги повика сите заинтересирани и засегнати чинители, а особено стручната јавност да даде сугестии за унапредување на содржината на учебниците за основно и за средно образование.
„Унапредувањето на содржините на наставните програми е процес во кој е повикан да се вклучи секој родител, наставник, стручна и научна јавност, затоа што само со активно учество на засегнатите страни националниот образовен систем може да фати чекор со динамиката на 21 век. Очекуваме конструктивни и ефективни сугестии кои се важни патокази во заедничката заложба за подобрување на квалитетот на образованието како основа за севкупен развој и просперитет на државата, за социјална трансформација и демократизација“,
велат од МОН.
Од Министерството додаваат дека сите сугестии, забелешки и коментари во врска со постојните наставни програми може да се испратат на електронската адреса на МОН ([email protected]) најдоцна до 28 февруари.
Ваквиот потег на Министерството следува по реакциите на јавноста за низата грешки кои се најдоа во новите учебници, главно за основно образование.
Еден од лапсусите во содржината на новите учебници кој предизвика лавина реакции е податокот дека највисокиот врв на светот, Монт Еверест на Хималаите, е висок 29 305 метри, наместо реалните 8 849 метри.
Ваквата информација е дел од новиот учебник по Историја и општество за петто одделение во кој освен оваа, успеала да се протне уште една географска грешка, според која Македонија на исток се граничи со Република Албанија, а на запад со Република Бугарија.
Бура од реакции предизвика и дел од содржината во новиот учебник по албански јазик за петто одделение во која како пример за правилно пишување скратеници на земји или организации се најде и кратенката ДУИ – Демократска унија за интеграција.