Министерството за надворешни работи информира дека сите деветмина се во добра здравствена состојба
Осумте ученици од земјава и нивниот наставник, кои беа затекнати од земјотресот во Турција, утринава се вратија во Северна Македонија и се во добра здравствена состојба, информира Министерството за надворешни работи.
Средношколците од училиште во Гостивар заедно со својот ментор престојуваа во Турција преку програмата „Еразмус плус“, кога во понеделникот беа затекнати од земјотресот со јачина од 7,8 степени по Рихтеровата скала. Во земјотресот беа повредени двајца ученици на кои им беше дадена првична медицинска помош.
До загрозениот регион каде што се наоѓаа деветтемина македонски државјани беше испратен дипломат од македонската амбасада во Анкара, по што лицата беа пренесени во турската метропола. Оттаму потоа заминаа за Истанбул, од каде што денеска безбедно пристигнаа во земјава.
Од Министерството за надворешни работи информираат дека засега нема нови информации за други наши државјани во Турција кои се наоѓаат во евентуално загрозена состојба или на кои им е потребна помош.
Оттаму уште еднаш посочуваат дека македонските дипломатски претставништва во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања на телефонските броеви:
- +905394569710 во Анкара,
- +905456149777 во Истанбул,
- + СОС-телефонот на МНР во Скопје 38975273732