Дека за утре се закажни седници на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ потврдиле од партијата за МИА, а на нив, покрај исходот од разговорите со АА за вклучување во владејачката коалиција, тема на разгледување и дебата се очекува да биде и понудата на Ковачевски до лидерот на актуелниот коалициски партнер Алтернатива, Африм Гаши, со кого денеска имал средба
Извршниот одбор и Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија утре ќе одржат седници, потврдиле за МИА од партијата, на кои, како што се наведува, се очекува претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски да го презентира исходот од разговорите со Алијанса за Албанците за нејзино евентуално вклучување во владејачката коалиција.

Тема на разгледување и на дебата на седниците, како што наведува МИА, треба да биде и понудата на Ковачевски до лидерот на актуелниот коалициски партнер Алтернатива, Африм Гаши, со кого денеска имал средба.
За исходот од разговорите меѓу Ковачевски и Гаши засега не се откриваат детали. Од Алтернатива најавуваат дека одлука за натамошното дејствување нивните партиски органи ќе носат откако, како што велат, ќе се формализира новата коалиција.
Министерот за здравство Беким Сали денеска изјави дека нема конкретен предлог кои би биле позициите на неговата партија Алтернатива во случај на проширување на владиното мнозинство.
„Сè уште немаме конкретно на маса ниту предлог за нашите позиции во Владата доколку би имало проширување на мнозинството ниту, пак, кои се позициите што Алијанса ги има обезбедено од другите партнери во мнозинството и затоа не можам да коментирам ништо конкретно кои се нашите позиции“,
рече Сали.
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, вчера изјави дека сака да ја задржи Алтернатива во Владата, без да спомене како би изгледала поделбата на ресори меѓу владините партнери.
Инаку, како што информирале за МИА од Алијанса за Албанците, постигнат е договор за нивен влез во владината коалиција. Согласно договореното, партијата во идната Влада ќе има три члена кои ќе раководат со министерствата за правда и за здравство, додека за третото место во игра се позицијата вицепремиер задолжен за економски прашања или прв човек на Министерството за информатичко општество и администрација.
Од СДСМ, пак, посочија дека разговорите околу новото парламентарно мнозинство се во тек и не е ништо конечно, но штом има нешто во интерес на јавноста, ќе информираат официјално.
Извори од Алијанса за Албанците, пишува МИА, велат дека партијата ќе добие и заменици-министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и за одбрана, како и двајца државни секретари, од кои едниот е во Министерството за труд и социјална политика, додека вториот ќе биде дополнително утврден.
Меѓу директорските места што ќе ги добие Алијансата за Албанците, се во „Пошта на Република Северна Македонија“, МЕПСО, Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за управување со одземен имот, како и заменици-директори во Царинската управа, Управата за јавни приходи (УЈП) и Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Пред објавувањето на конечниот договор околу проширувањето на владиното мнозинство, според партиски извори, Ковачевски ќе одржи средба и со останатите коалициски партнери на која ќе ги информира што е договорено за влез на АА во Владата.
Според најавите, по средбата со актуелните коалициски партнери премиерот Ковачевски треба да има средба и со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, со цел конечно да се прецизираат ресорите со кои ќе раководи партијата како нов владин партнер.