Вчера 22 припадници на Баталјонот за специјални сили, но и две кучиња обучени за трагање и двајца водачи се упатија кон Турција. Тие пристигнале и веќе работат на терен
Припадниците на Армијата на Северна Македонија пристигнаа во погодените региони во Турција и веќе помагаат во спасувачките акции по разорниот земјотрес што го погоди југоистокот на земјата во понеделникот.
Како што беше објавено и од Министерството за одбрана, станува збор за 22 припадници на Баталјонот за специјални сили, но и две кучиња обучени за трагање и двајца водачи.
Од Армијата објавија и фотографии на кои се гледа како тие копаат по урнатините во Турција и го расчистуваат теренот за да се пронајдат затрупани лица од паднатите згради.
„Армиските припадници на теренот ја искажуваат својата одлучност и обученост професионално да ја извршат задачата и да го употребат целиот свој максимум во пронаоѓање на настраданите и на секој можен начин да помогнат на граѓаните на сојузничка Туркије. Надеж дека во текот на пребарувањето ќе се спасат човечки живот каде секој момент е драгоцен, даваат и службени кучиња од расата белгиски овчар и лабрадор, кои заедно со инструкторите се обучени токму за пронаоѓање лица во елементарни непогоди“,
велат од Армијата.
Фотогалеријата можете да ја погледнете во продолжение:







