Дали ќе се случи во мај да има предвремени парламентарни избори, ќе видиме кога ќе дојде предлогот на Ковачевски во парламентот со новиот состав на Владата. Ако има 61 пратеник што ќе го изгласаат, тогаш автоматски ќе значи дека во мај ќе нема избори бидејќи оваа влада го има мнозинството. Доколку нема 61 пратеник, тогаш логиката вели дека треба веднаш потоа да одиме на предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски
За случајот со Христијан Пендиков, Мицкоски вели дека политичарите од Владата дозволуваат да се навреди македонскиот народ бидејќи се инволвирани во криминални скандали и сè премолчуваат

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не очекува влезот на Алијанса за Албанците во Владата да ги промени работите, туку ќе ги влоши и ќе има неколкумина побогати политичари кои ќе бидат носители на функции.
Мицкоски денеска од Општина Петровец рече дека со тоа што СДСМ и ДУИ ја претвораат политичката сцена во естрада се губи сериозноста и надежта кај граѓаните во Македонија дека може нешто да биде подобро.
„Граѓаните гледаат како на отворена сцена политичарите се препелкаат за функција повеќе, за тендер повеќе, за некое материјално задоволство повеќе, без суштина и без некаква политика која би значела подобар живот за граѓаните во Македонија“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Лидерот на партијата нагласи дека честопати во политиката треба да се бара малку и филозофија и социологија.
„Јас би сакал малку ова што денеска се случува да го изедначам со една убава игра, а тоа е шахот. Во шахот не е суштината да дадете шах, туку во шахот суштината е да дадете мат. Набргу од денеска ќе бидеме сведоци на еден таков мат кој што ќе го добие оваа влада на ДУИ поддржана од СДСМ и сега засилена со неколкумина политичари кои што гледаат како да бидат малку побогати во наредните десетина месеци“,
нагласи Мицкоски.
Мицкоски, исто така, нагласи дека доколку во новиот состав на Владата има 61 пратеник нема да има избори во мај.
„Кога зборував за избори во мај зборував за последен период кога има логична оправданост пред граѓаните да се случат предвремени парламентарни избори затоа што следниот термин би бил есен. Ако се организираат предвремени парламентарни избори во есен, а неколку месеци потоа се претседателските избори се поставува прашањето дали е тоа одговорно однесување и дали Македонија е толку богата држава да може во неколку наврати да потроши десетици милиони евра за изборна кампања. Дали ќе се случи во мај ќе видиме кога ќе дојде предлогот на Ковачевски во Парламентот со новиот состав на Владата и доколку има 61 пратеник којшто ќе го изгласаат тогаш автоматски ќе значи дека во мај ќе немаме предвремени парламентарни избори бидејќи оваа Влада ваква каква што е го има мнозинството. Доколку нема 61 пратеник тогаш логиката вели дека треба веднаш потоа да одиме на предвремени парламентарни избори“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека во ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да има избори на 14 и 21 мај.
„Ако се види бројот на денови до тогаш, тоа би значело дека ќе нема техничка влада 100 дена, како што е според Изборниот законик, но ние сме подготвени и на тоа. Нека има и помалку денови техничка влада, само да ги спасиме граѓаните од оваа криминална и корумпирана власт“,
додаде тој.
Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, го коментираше и случајот со Христијан Пендиков. Според, него политичарите од Владата дозволуваат да се навреди македонскиот народ бидејќи се инволвирани во криминални скандали и сè премолчуваат .
„Со тоа што денеска овој човек што стана ВИП-личност во Софија дава одговор дека целата оваа ситуација е политизирана, но јас кога би бил бугарски државјанин, Бугарин и кога ќе го видам дека Пендиков е ВИП-личност и дека ужива поголеми права од мене би се засрамил од раководството на мојата држава. Но, и би се засрамил од политичарите во мојата држава кои даваат поддршка на тој човек кој воопшто не го ни познаваат, а доколку се потрудиле да дознаат нешто повеќе за тој човек ќе дознаеле дека тој заслужува се само не ВИП-третман и ќе дошле до заклучокот дека станува збор за човек кој не ужива никаков углед во средината во која е растен и ако малку повеќе се распрашале ќе ја дознаеле вистинската причина зошто се случил тој инцидент“,
рече Мицкоски.