Културата поврзува и лекува, порача амбасадорката на земјава во Бугарија за синоќешниот настап на првенците од НОБ, кој доаѓа во период на заострени пораки помеѓу двете држави

Националната опера и балет (НОБ) на Северна Македонија синоќа се претстави пред публиката во Пловдив, Бугарија, со балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“.
Пловдивската публика ги поздрави нашите уметници со долготраен аплауз, а настапот го следеше и амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеза Руси Поповска.

„Културата поврзува и лекува! Импресивна модерна балетска претстава на НОБ на Северна Македонија синоќа во Пловдив со ’Госпоѓиците од Авињон‘, поддржана од бугарското Министерство за култура и топло прифатена од пловдивската публика“,
напиша амбасадорката на Твитер.
Culture connects and heals! Impressive modern ballet performance of ?? National Opera and Ballet of North Macedonia yesterday evening in Plovdiv, with “The Ladies of Avignon”, supported by ?? Ministry of Culture and warmly received by the wonderful Plovdiv audience??. ????? pic.twitter.com/fcXBPpJACy
— Agneza Rusi ?? (@rusi_agneza) February 8, 2023
Синоќешниот настап на НОБ пред бугарската публика доаѓа во период на зголемени тензии помеѓу двете држави. Тоновите на релација Софија – Скопје особено се заострија по нападот врз секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, чествувањето на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари, каменувањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград итн.
Време е да го прекинеме циклусот на негативни односи, порача вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи одговарајќи на новинарски прашања. Прекинување на негативните односи, рече тој, е во интерес на двете држави.
Инаку, синоќешниот настап на НОБ се случи во Домот на културата „Борис Христов“, а претставата „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од сликарското дело на Пабло Пикасо, со либрето и драматургија на Сашо Миковски, музика на Калиопи Букле и кореографија и режија на Олга Панго. Пред настапот на првенките и првенците од НОБ им беше оддадена почит и на жртвите од катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија.