Министерство за надворешни работи веќе комуницира со колегите од Сирија за да видиме што можеме и таму да испратиме како помош, кои се нивните потреби. Штом ќе можеме да идентификуваме кои би биле потребите, согласно нашите можности, тогаш се разбира дека и Сирија е држава која ќе биде помогната од наша страна, најави премиерот

Северна Македонија ќе испрати помош и за Сирија која претрпе огромни штети по разорниот земјотрес што ја зафати земјата заедно со Турција.
„Министерство за надворешни работи веќе комуницира со колегите од Сирија за да видиме што можеме и таму да испратиме како помош, кои се нивните потреби. Штом ќе можеме да идентификуваме кои би биле потребите, согласно нашите можности, тогаш се разбира дека и Сирија е држава која ќе биде помогната од наша страна“,
рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Ковачевски посочи дека Владата вчера донесе одлука за испраќање парична помош за Турција, како и војници кои ќе учествуваат во расчистување и пронаоѓање на луѓе заробени во урнатините. Тој, исто така, најави дека ќе бидат испратени и дополнителни професионалци од институциите задолжени за справување со кризи.
„Дваесет и двајца војници веќе се на пат со сета потребна опрема и возила, а и Министерството за здравство веќе ги комплетира потребите кои може да се испратат“,
рече Ковачевски.
Според владините одлуки, во Турција ќе бидат испратени 40 припадници на републичките сили за заштита и спасување кои ќе помогнат во санирањето на последиците од земјотресот, а заедно со нив ќе бидат испратени и две противпожарни возила.
Во санирањето на последиците од земјотресот, дополнително ќе бидат испратени и 24 припадници на Армијата, од кои 22 лица од Баталјонот за специјални сили, две кучиња за пребарување и две лица водачи на кучиња.
Во Турција ќе биде испратен и тим за заштита и спасување во рамки на Министерството за одбрана, а Владата одлучи да испрати и хуманитарен пакет од 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила.
Министерството за финансии, пак, е задолжено до Владата да достави одлука за одобрување средства од резервите на буџетот за 2023 година, во износ од шест милиони денари, за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес. Задолженија има и до други институции, меѓу кои и до Министерството за здравство, во рамките на своите надлежности, итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови. За утре е најавена седница и на Советот на Град Скопје за одлука во однос на помошта што ќе биде испратена за настраданите региони од земјотресот.
Црвениот крст во земјава доби препорака во рамки на своите можности да се вклучи во акцијата со испраќање тимови и друг вид хуманитарна помош во Турција.
Меѓу другите, Владата донесе и одлука со која го задолжи Министерството за надворешни работи да ги координира активностите за евакуација на македонските државјани од погодените подрачја.
На пункт на плоштадот „Македонија“, отворен по разорниот земјотрес во Турција и Сирија, граѓани можат да донираат облека, храна, хигиенски средства и сè она што им е неопходно на луѓето погодени во земјотресот. Пунктот е отворен 24 часа.