Освен спасувачките тимови, Владата одлучи во Турција да биде испратен и хуманитарен пакет од 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила
Со цел да се обезбеди дополнителна помош за погодените од земјотресот, Владата го задолжи Министерството за финансии да подготви и до неа да достави одлука за одобрување на шест милиони денари од Буџетот за 2023 година, кои ќе бидат испратени во Турција
Владата на денешната вонредна седница која ја одржа попладнево донесе сет одлуки и упати задолженија до дел од министерствата и институциите во земјава, во насока на обезбедување помош која итно ќе биде испратена во Турција по денешниот катастрофален земјотрес што ја погоди земјата.
Според владините одлуки, во Турција ќе бидат испратени 40 припадници на републичките сили за заштита и спасување кои ќе помогнат во санирањето на последиците од земјотресот, а заедно со нив ќе бидат испратени и две противпожарни возила.
Во санирањето на последиците од земјотресот, дополнително ќе бидат испратени и 24 припадници на Армијата, од кои 22 лица од Баталјонот за специјални сили, две кучиња за пребарување и две лица водачи на кучиња.
„Се задолжуваат Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗР) и Центарот за управување со кризи (ЦУК), во координација со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, итно да подготват и до Владата да достават соодветна одлука за испраќање на сили/тимови за заштита и спасување, коишто ќе се вклучат во погодените подрачја, како и одлука за испраќање хуманитарна помош за заштита и спасување во Република Турција“,
гласи задолжението кое Владата го доставила до ДЗР и ЦУК.
Во Турција ќе биде испратен и тим за заштита и спасување во рамки на Министерството за одбрана, а Владата одлучи да испрати и хуманитарен пакет од 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила.
„Се задолжува Министерството за одбрана во рамките на своите надлежности итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување соодветна помош во персонал, опрема во вид на механизација, шатори, душеци, ќебиња, грејни тела и друг вид соодветна помош“,
гласи задолжението кое Владата го доставила до Министерството за одбрана.

Со цел да се обезбеди дополнителна помош за погодените од земјотресот, Владата го задолжи Министерството за финансии да подготви и до неа да достави одлука за одобрување на шест милиони денари од Буџетот за 2023, година кои ќе бидат испратени во Турција.
„Се задолжува Генералниот секретаријат на Владата во соработка со Министерството за надворешни работи да преземе активности во насока на итно префрлување на одобрените средства од Буџетот, како и да одржува редовна комуникација со Амбасадата на Република Турција во Република Северна Македонија, со цел спроведување на одлуката“,
се вели во владиното соопштение.
Министерството за здравство доби задолжение до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови, a Црвениот крст во земјава доби препорака во рамки на своите можности да се вклучи во акцијата со испраќање тимови и друг вид хуманитарна помош во Турција.
Меѓу останатите, Владата донесе и одлука со која го задожи Министерството за надворешни работи да ги координира активностите за евакуација на македонските државјани од погодените подрачја.