Од невладината организација, која со свои набљудувачи го следи судскиот процес, апелираат судечкиот совет во „Ласкарци“ со должно внимание да ги следи текот на главната расправа и испитувањето на вештаците и доследно да се почитуваат и толкуваат релевантните одредби до ЗКП

Тимското испитување на вештаците што го изготвија супервештачењето за автобуската несреќа кај Ласкарци на 13 февруари 2019 година е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП), реагира невладината Коалиција „Сите за правично судење“ која врши мониторинг на судските случаи.
Реакцијата доаѓа откако на претходните две судски рочишта (21 јануари и 2 февруари 2023) судечкиот совет на чело со судијката Дијана Груевска-Илиевска дозволи тимот од четворица сообраќајни инженери во судница да се испитува практично како едно лице, иако на тоа се противеше јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
Сепак, судијката одлучи дека тие како тим заедно работеле и го изготвиле супервештачењето, па затоа може да се надополнуваат во одговорите. Така, иако обвинителот избра еден од вештаците да одговара на неговите прашања, додека го испрашуваше, другите вештаци останаа во судницата и со кревање рака го надополнуваа и својот колега.
Во својата реакција, од Коалицијата „Сите за правично судење“, која има свои набљудувачи на судските рочишта, наведуваат неколку одредби од ЗКП кои сметаат дека биле прекршени од страна на судот. Една од нив е одредбата која дозволува вештаци да го следат судскиот процес и да ги слушаат другите сведочења, но, потенцираат од невладината, тоа не значи и дека е дозволено „тимско“ одговарање.
„Согласно одредбите од ЗКП, конкретно членот 378, вештите лица можат да присуствуваат во текот на главната расправа и да го следат судењето, односно да можат да ги чујат исказите на сведоците кои ќе бидат испитани, како и да се запознаат со другите докази кои ќе бидат изведени во текот на главната расправа. Оваа одредба во ниту еден случај не значи дека тие можат да даваат одговори на прашања коишто се поставуваат на други вештаци кои се предмет на испитување или, со други зборови, законот не предвидува можност за ’тимско‘ одговарање на прашањата што се поставуваат за конкретното вештачење. Дотолку повеќе што согласно членот 360 од ЗКП, претседателот на судечкиот совет е должен да ги предупреди присутните во судницата да не го нарушуваат текот на расправата, па дури ’може да нареди од заседанието да се отстранат лицата кои како слушатели присуствуваат на главната расправа, доколку тие и по опомената го нарушуваат одржувањето на главната расправа‘“,
велат од Коалицијата.
Понатаму, потсетуваат дека членот 389 од ЗКП предвидува дека сведоци и вештаци кои се испитани може да се отстранат од судница и потоа повторно да бидат повикани и да се испитаат во присуство на други сведоци или вештаци. Во конкретниот случај со рочиштата за „Ласкарци, според невладината, би било сосема оправдано ако судечкиот совет реши вештаците кои не се испитани да се отстранат од судницата, па ако има несовпаѓање на нивните искази потоа да бидат повикани сите заедно за да се соочат и утврдат причините за неконзистентноста на нивните искази. Сепак, нагласуваат набљудувачите, и во ситуација на соочување тие не би смеело да одговараат истовремено на исто прашање.
„На ова се надоврзува членот 387, став 4 од ЗКП согласно кој ’ако некоја од странките бара вештото лице да се испита на главната расправа, писмениот наод и мислење ќе бидат прифатени како доказен материјал само ако вештото лице кое го изработило вештиот наод и мислење дало свој исказ на главната расправа и била дадена можност да биде вкрстено испрашано‘. Во конкретниот случај, освен вештото лице кое било повикано да даде исказ пред Судот, ниту еден друг член од тимот на вешти лица кој бил присутен во судницата не смеел да одговара на прашањата што биле поставувани додека не биде повикан да сведочи, бидејќи на овој начин de facto се заобиколува можноста странките директно и вкрстено да ги испитаат сите вешти лица кои го изготвиле вештачењето. Ова е особено битно доколку се има предвид дека вкрстеното испитување е веројатно најголемата можност за дискредитација на вештото лице, односно дискредитација на изготвеното вештачење во целина, нешто што не е возможно да биде направено доколку истовремено се испитуваат сите вешти лица“,
реагираат од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Од невладината апелираат судечкиот совет во случајот „Ласкарци“ со должно внимание да ги следи текот на главната расправа и испитувањето на вештаците и доследно да се почитуваат и толкуваат релевантните одредби до ЗКП.
Вештите лица автори на машинското супервештачење треба да сведочат и утре кога повторно ќе одговараат на прашањата на обвинителот Дарко Јакимовски. По нив, во судница ќе треба да се испита и тимот од тројца сообраќајни инженери кои го изработија супервештачењето за сообраќајниот дел.
Како поминаа претходните две рочишта со испитување на супервештаците прочитајте во нашите извештаи:
- Тензично рочиште за „Ласкарци“: Супервештачењето нарачано од судот ја префрла вината кај возачот
- Супервештачењето за „Ласкарци“ за обвинителот занемарило важни докази, за оштетените е пропаднат обид да одговара само возачот
Ова супервештачење околу една година го кочеше судскиот процес за фаталната автобуска несреќа. Судот реши да го нарача откако констатираше дека има противречности во вештачењата предложени од обвинителството и од одбраната.
Беше нарачано на 21 декември 2021 година, а во судот пристигна во декември 2022 година. Го изготви тим формиран од страна на Бирото за супервештачење откако претходно Техничкиот факултет во Битола одби да го изврши поради недостиг на стручни лица.
Автобуската несреќа со 16 жртви и 37 повредени се случи на 13 февруари 2019 година кога автобус на „Дурмо турс“, кој возеше на редовна линија Скопје-Гостивар, излета од автопатот во близина на селото Ласкарци. Обвинети во овој судски процес се шест лица. Покрај возачот, на обвинителна клупа седат сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, и одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, како и тројца вработени во станицата за технички преглед. Првите тројца се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека останатите за соучество во истото дело.