На трибината организирана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на партијата Христијан Мицкоски рече дека главен виновник за проблемите на граѓаните и државата е, како што рече, неспособната Влада. Посочи дека нивниот политички противник прави многу грешки и ја води Владата како помал коалициски партнер на Демократската унија за интеграција
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на трибината „Гоце е Македонија“ денеска рече дека граѓаните и државата се соочуваат со многу проблеми, се живее во поделби, а многу граѓани, гледајќи го тажното и мачно секојдневие, си заминуваат од земјава. Обвини дека главен виновник за тоа е, како што рече, неспособната Влада.
„А, тоа ќе продолжи ако нешто не се смени. Ние како ВМРО-ДПМНЕ треба да бидеме предводници на тоа нешто и да менуваме. Пред пет години малкумина беа убедени дека ВМРО-ДПМНЕ најпрвин ќе опстане на политичкава сцена, но, откако опстана, дека ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде во ситуација денеска повторно да биде најголемата политичка партија во Македонија и партија што ќе се обиде на следните предвремени парламентарни избори да го обедини пред сè македонскиот народ, но и сите оние наши сограѓани што веруваат дека ВМРО-ДПМНЕ може да донесе подобар живот, да донесе надеж“,
рече Мицкоски.
Тој посочи дека нивниот политички противник прави многу грешки и ја води Владата како помал коалициски партнер на Демократската унија за интеграција.
„Треба да сме свесни дека тоа што ќе го наследиме во иднина и што ќе треба да го коригираме е сериозен проблем. Кога велам сериозен проблем, мислам на големината на проблемите што ќе ги наследиме. И тие проблеми ќе треба да ги решава ВМРО-ДПМНЕ. Тука не мислам само на националните проблеми што ќе ги наследиме, тука мислам и на образовните, тука мислам и на социјалните, тука мислам и на економските, на политичките проблеми“,
рече тој.
Според Мицкоски, главната водилка на Гоце Делчев, дека тој го разбира светот како поле за културен натпревар, денеска ќе се преслика како натпревар во многу области.
„И ние како Македонци, како луѓе што се носители на суверенитетот на нашата Македонија, заедно со нашите сограѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и останати, треба да се натпреваруваме заедно со многу поголеми и многу помоќни држави од нашата Македонија и многу поголеми и многу помоќни народи, не само во нашето опкружување, во Европа, па и во светот. И сме покажале дека сме способни да го правиме тоа, да победуваме, кога победуваме да се радуваме, а кога губиме да тагуваме, но секогаш сме биле достоинствени и во победите, но и во поразите. Нашата Македонија родила многу свои чеда кои го обелиле образот на истата таа Македонија и сигурен сум дека Гоце бил горд на тие луѓе“,
заклучи Мицкоски.
Трибината е организирана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во рамките на одбележувањето на 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на ВМРО.