„Најстрого ја осудуваме цензурата врз медиумите од страна на Владата на Ковачевски врз новинари кои сакаат да известуваат за чествувањето на Гоце Делчев. Ваквата поделба на медиумите и брутална цензура значи дека Ковачевски губи контрола. Откако со денови министри се расправаат со новинари, вечерва владината прес-служба забрани известување на новинари на два интернет-портали од гробот на Гоце Делчев по повод 151-годишнината од неговото раѓање“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение излезе со тврдења дека Владата вечерва им забранила на дел од новинарите и медиумите да известуваат за утрешното чествување на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Без образложение, велат од партијата, Владата не им дала акредитации на одредени медиуми, новинари и фоторепортери да известуваат од настанот.
За кои новинари и за кои медиуми станува збор не се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Зошто може бугарските здруженија да присуствуваат, а не може новинари да известуваат за чествувањето на Гоце Делчев? Кој во Владата и според кои критериуми ги подели медиумите на подобни и неподобни за известување?“,
прашуваат од опозициската партија.
Оттаму велат дека ова е срам за Владата, министрите и за сите што работат за „владиниот режим во делот со медиумите“.
„Најстрого ја осудуваме цензурата врз медиумите од страна на Владата на Ковачевски врз новинари кои сакаат да известуваат за чествувањето на Гоце Делчев. Ваквата поделба на медиумите и брутална цензура значи дека Ковачевски губи контрола. Откако со денови министри се расправаат со новинари, вечерва владината прес-служба забрани известување на новинари на два интернет-портали од гробот на Гоце Делчев по повод 151-годишнината од неговото раѓање“,
се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека владејачката СДСМ е уплашена од критичко размислување и дека спроведува класично едноумие.
Забрана на новинари да си ја вршат својата дејност е одлика само на тоталитарни режими, додаваат оттаму.
„Димитар Ковачевски со ваквите чекори покажува дека слободата на изразување е само празна флоскула која ја користи кога држи прес-конференции со дипломати или претставници на нашите стратешки партнери, а во суштина ги има сите одлики кои ги имале режимите од Истокот. Колку поблиску е падот од власт, толку понервозни се СДС и ДУИ, а тоа се гледа по цензурата и замолчувањето на медиумите“,
се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.