Сериозна дилема би имал дали би отишол да слушам некој човек што изнесува такви ставови за државата. Меѓутоа, тоа говори повеќе за нив отколку за нас. Ние треба самите себе да се цениме многу повеќе, да се почитуваме, а секако не треба ниту во една прилика да дозволиме некој што ја навредува, омаловажува оваа држава и овој народ да биде тука, вели министерот за внатрешни работи во интервју за „360 степени“
Спасовски, кој заедно со премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска беа претставници на Владата на манифестацијата, рече дека немале информација дека Драгослав Бокан ќе ја има улогата на беседник на Светосавската академија
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека би се нашол во сериозна дилема дали да оди на Светосавската академија што минатиот петок се одржа во Македонскиот народен театар (МНР) во Скопје по повод Денот на Св. Сава доколку имал информација дека на неа ќе беседи Драгослав Бокан, Србин со контроврезна биографија, кој не толку одамна за Македонија ќе каже дека е артифициелен (вешташки) конструкт и како таков треба да се распадне.

Спасовски, кој заедно со премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска беа претставници на Владата на манифестацијата, во интервју за „360 степени“ вели дека немале информација дека Драгослав Бокан ќе ја има улогата на беседник на Светосавската академија.
„Не, немавме такви сознанија затоа што тоа е во организација на српската заедница во Република Северна Македонија. Ние бевме поканети, бевме дел од владината делегација, знаете дека претходно одржавме и работна средба со потпретседателот на Владата и министер за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ“,
посочува министерот за внатрешни работи.
Прашан дали претходно требало да имаат таква информција и тој, и премиерот и министерката за одбрана, Спасовски излезе со идентичен одговорот дека немале таква информација и податоци дали ќе беседи и кој ќе беседи.
На дополнителното прашање – дали би одел ако знаел дека ќе беседи Бокан, министерот за внатрешни работи одговори:
„Сериозна дилема би имал дали би отишол да слушам некој човек што изнесува такви ставови за државата. Меѓутоа, тоа говори повеќе за нив отколку за нас. Ние треба самите себе да се цениме многу повеќе, да се почитуваме, а секако не треба ниту во една прилика да дозволиме некој што ја навредува, омаловажува оваа држава и овој народ да биде тука“.
Тој е резервиран и не одговара директно дали учеството и беседењето на Бокан на Светосавската академија е еден вид инцидент и провокација и вели дека тој овде не изнел никаков контроверзен став, освен она што го кажал претходно.
„Видете, може да искажуваат разни ставови не само од Србија, не само од Бугарија, од секаде има луѓе што ќе изнесуваат ставови, меѓутоа постоењето на македонската држава и на македонскиот народ е факт и тоа никој не може ниту да ни го земе ниту да ни го негира“,
вели Спасовски.

Драгослав Бокан, кој освен на Светосавската академија во Скопје, ден претходно беседеше и на сличен настан по истиот повод во Куманово, а е човек кој во својата биографија го има и учеството во војните во поранешна Југославија како припадник на паравоените српски формации, во 2019 година во гостување во утринска програма на „Хепи ТВ“ ќе каже дека Македонија е артифициелен (вештачки) конструкт, на кој како таков судбината му е да се распадне.
„Целата историја на модерна Македонија е некој вид артифициелна операција, конструкт на нешто што не е најјасно дефинирано, ниту црковно, ниту народно, ниту државно. Тоа со името е само дел од таа приказна која трае уште од 1945 година кога практично Македонија е тотално десрбизирана и оттргната од сопствената историја, така да речеме дека Првата балканска војна практично е необјаснива, нејасна кога гледаме од перспектива на таа автохтона Македонија во која нема ништо српско, ниту има некаква врска со нас, дури е дел од некаква антисрпска коалиција од моментот кога ги прими НАТО-трупите и ги пушти на нас. Од таа страна, приказната за Македонија е приказна за еден вештачки конструкт, каков што беше Југославија и сите вештачки конструкти се распаѓаат како што се распадна Југославија“,
ќе каже Бокан на 4 јуни 2019 година кај водителот на српската „Хепи ТВ“, Миломир Мариќ.
Беседата на Бокан во петокот во Скопје беше во созвучје со пригодата и не предизвика никакви реакции. Сепак, два моменти предизвикуваат интерес – споменувањето на Владимир Ерн, руски филозоф од почетокот на минатиот век, релативно непознат на Запад, и потенцирањето на локацијата на собирот – царскиот град Скопје.
Од она што може да се најде во ретките публикации на интернет, претежно од есеи и слични филозофски осврти, Ерн е претставник на „рускиот национализам“ од овој период, втемелен на православните традиции, кој ја истакнува непомирливоста меѓу западната и руската филозофска мисла.
„…Се состанавме со меѓусебно разбирање на светосавскиот празник на Христос Спасителот и тоа во царскиот град Скопје, кој сите нас овде присутни засекогаш нè врзува во мир и нè инспирира преку единството во различноста на нашата заедничка историја и во тагата и во радостите. Бог со нас“,
беа зборовите со кои Бокан ја заврши својата беседа во Скопје.

За изборот токму Драгослав Бокан да ја одржи бесдата за Св. Сава сакавме да го прашаме лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ), Иван Стоилковиќ, кој воедно беше и претседател на организациониот одбор на манифестацијата, но наместо коментар и одговор тој ни рече дека за следната академија ќе го праша „360 степени“ кого да поканат.
„На Светосавската академија не беше искажан ниеден проблематичен збор. А, за следната академија ќе ве прашаме вас кого можеме да поканиме“,
ни изјави Стоилковиќ.
На Светосавската академија во петокот во првите редови во Македонскиот народен театар беа високите претставници на Владата, а премиерот Димитар Ковачевски беше еден од говорниците. Во првиот ред беше и раководството на ВМРО-ДПМНЕ – лидерот Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски.
На прашања на „360 степени“ упатени до Владата – дали знаеле за учеството и улогата на Драгослав Бокан на манифестацијата, оттаму одговорија дека на барање на Српскиот културен центар – Скопје ја поддржале реализацијата на проектот Свечена светосавска академија „Денови на Свети Сава“, во чест на одбележувањето на националниот ден на Србите во земјава, со одобрување финансиски средства според овогодишните можности и согласно практиката од претходните години.
Но, освен финансиската поддршка, од Владата посочија дека не биле вклучени директно во прашања од организациска природа и листа на говорници.
Идентични прашања испративме и до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде што не добивме одговор.