Се поставува прашањето дали сакаме повторно преку амнестија да овозможиме напад на државните институции, дали тоа е парламентот или Владата, дали повторно ќе биде на овој начин пратен сигналот дека некој може да влезе во Собранието и да убие пратеници заради политички цели, за некакви лични цели, вели Спасовски во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат, вели дека е против предлог-законот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за амнестија на осудените лица за упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Според Спасовски, неказнивоста може да предизвика нови проблеми.
„Јас го немам видено законот, меѓутоа по самиот наслов, јас сум апсолутно против. Зошто, поради тоа што сметам дека вие се сеќавате на 2012 година, се сеќавате на 24 декември кога практично од државата не од граѓани, туку од државата преку злоупотреба на полицијата, полициските службеници, беа исфрлени и пратеници и новинари само за да може да се донесе буџетот за задолжување и никој не презема ниту една мерка со која ќе се истражи тој случај, ќе се утврди одговорност, дали е тоа дисциплинска, кривична или политичка одговорност, ако сакате. И тогаш укажував во Собранието дека ако остане состојбата ваква како што е и да имаме неказнивост, дека е можно да ни се случи нов таков проблем и, за жал, ни се случи на 27 април 2017 година кога беше нападнато демократското уставно уредување на Република Северна Македонија“,
вели Спасовски.

На новинарската констатација дека веќе имаше амнестија за дел од учесниците во „крвавиот четврток“, Спасовски вели:
„Има дел амнестирини за тој настан, меѓутоа оние што го извршија тоа кривично дело, оние што го направија упадот и така натаму, и оние што пробаа да убијат пратеници, имаат санкции и мислам дека не треба воопшто да биде доведена во прашање одговорноста на овие лица поради тоа што се поставува прашањето дали сакаме повторно преку амнистија да овозможиме напад на државните институции, дали тоа е парламентот или Владата, дали повторно ќе биде на овој начин пратен сигналот дека некој може да влезе во Собранието и да убие пратеници заради политички цели, за некакви лични цели“.
Министерот смета дека треба да има договор околу националните интереси, но не и за криминалот. Инаку, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието поднесе предлог-закон за целосна амнестија на лицата осудени за настаните од 27 април 2017 година. Како што посочи координаторот на пратеничката група на опозициската партија на прес-конференција во Собранието, овој предлог е резултат на иницијативата и заедничката заложба на адвокатите Јанаки Митрески и Драган Пешевски и целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
