Во кусиот разговор со „360 степени“, наместо став за конкретното прашање, од Мојсовски добивме покана да присуствуваме на неговата официјална прес-конференција која најави дека ќе ја одржи в понеделник во Агенцијата со цел да се произнесе во врска со иницијативата на ДКСК
Инаку, поранешниот македонски ракометен репрезентативец Наумче Мојсовски беше назначен на чело на Агенцијата за млади и спорт од страна на Владата на 13 октомври 2020 година
Откако Антикорупциската комисија најави дека ќе достави иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на првиот човек на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, поради сомнеж оти Агенцијата го злоупотребила ваучер-системот за финансирање фондации и спортски клубови, „360 степени“ го контактира актуелниот директор на Агенцијата и побара негов коментар во врска со иницијативата што ја најави ДКСК.
Мојсовски засега одби да даде каков било коментар во врска со иницијативата на антикорупционерите за негов кривичен прогон. Наместо став на конкретно прашање, од Мојсовски добивме покана да присуствуваме на неговата официјална прес-конференција која најави дека ќе ја одржи в понеделник во Агенцијата со цел да се произнесе во врска со иницијативата на ДКСК.

Антикорупциската комисија денеска најави дека ќе иницира кривичен прогон против Мојсовски и членовите на Централната комисија на Агенцијата за млади и спорт поради сомнеж дека го злоупотребиле ваучер-системот за финансирање фондации и спортски клубови.
Според ДКСК, постои сомневање дека претседателот на Агенцијата и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.
По најавата на ДКСК дека ќе иницира кривичен прогон против Мојсовски, за неговата работа како директор на Агенцијата реагираа и од Олимпискиот комитет во земјава.
Во отвореното писмо испратено до вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, Комитетот бара разрешување на Мојсовски од чело на АМС и од членовите на Централната комисија при Агенцијата, а на нивните позиции бараат да бидат поставени професионалци кои ќе ги применуваат критериумите за доделување на средства на спортските објекти.
Воедно, во писмото испратено до Владата, од Комитетот бараат стопирање на постапката за доделување на ваучери за 2023 година, која во моментов е во тек, сè до изборот на нови членови на Централната комисија.
Инаку, во извештајот од ревизијата во Агенцијата за млади и спорт (АМС) за 2021 година, кој во ноември лани го објави Државниот завод за ревизија (ДЗР), беше посочено дека Агенцијата не спровела внатрешни контроли кои би требало да обезбедат наменско и законско користење на средствата кои им се префрлаат на националните спортски федерации за реализација на нивните активности.
Дополнително, во извештајот беше посочено оти АМС не поставила соодветни критериуми со кои ќе се обезбеди објективна, пропорционална и праведна финансиска поддршка на федерациите, а склучените договори со нив не содржеле одредби со кои би се допрецизирала намената на одобрените средства.
Инаку, поранешниот македонски ракометен репрезентативец Наумче Мојсовски беше назначен на чело на Агенцијата за млади и спорт од страна на Владата на 13 октомври 2020 година.