Законот „не се обидува да го толкува минатото и да им укажува на членовите на Комисијата како треба да работат“, оценува за БИРН Петар Тодоров, член на македонскиот тим историчари во Комисијата, туку да превенира „злоупотреба на историјата за поттикнување меѓуетнички тензии во државата и омраза кон народите кои живеат во Македонија“
За македонските историчари во заедничката комисија со Бугарија, проблем е усвоената декларација во бугарското собрание, а за бугарските историчари проблем се измените на Законот за здруженија и фондации усвоени лани во ноември. Декларацијата, која вчера ја усвои бугарското собрание, во самото име наведува дека во Македонија се случува „ескалација на агресивните антибугарски манифестации“. Од деветте точки, две се однесуваат на историјата, а една е конкретно поврзана со работата на заедничката комисија, пишува „Призма“.
Имено, во декларацијата се наведува дека „…измените во Законот за здруженија и фондации од 2022 година го дискриминираат и намерно го ограничуваат правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија“ и оти тие „може да ја попречат и предодредат активноста на Заедничката мултидисциплинарна комисија“.
„Законот очигледно е насочен кон имињата на бугарските клубови“,
изјави за БИРН заменик-копретседателот на Комисијата, бугарскиот историчар Наум Кајчев, особено потенцирајќи го делот од законот кој предвидува формирање посебна комисија која ќе одлучува дали имињата на невладините се на личности поврзани, меѓу другото, со фашизмот, Третиот рајх и неонацизмот.
Според Кајчев, со тоа се создава правен механизам кој овозможува „посебен државен орган да одлучува кои историски личности или настани се ‘подобни’, а кои не“.
„Ваквиот закон, според мое лично мислење, е еден вид притисок врз нашата заедничка историска комисија, бидејќи претпоставува официјален ‘државен’ однос на Северна Македонија кон личности и периоди за кои би разговарале“,
вели тој во изјавата за БИРН.
Законот „не се обидува да го толкува минатото и да им укажува на членовите на Комисијата како треба да работат“, оценува за БИРН, Петар Тодоров, член на македонскиот тим историчари во Комисијата, туку да превенира „злоупотреба на историјата за поттикнување меѓуетнички тензии во државата и омраза кон народите кои живеат во Македонија“.
Според него, не законот, туку декларацијата на бугарското собрание е уште еден товар врз плеќите на Комисијата. Според Тодоров, таа е „обид на политиката да се меша во работата на Комисијата и да одредува што и како треба да дискутираме“.
Уште една точка од декларацијата индиректно се однесува на историските теми. Бугарските пратеници изгласаа дека ги отфрлаат „лажните и манипулативни изјави за бугарското минато во јавниот и политичкиот простор на Република Северна Македонија и ги сметаат како намерно влевање омраза против Бугарија и Бугарите “.
Целата сторија на „Призма“ прочитајте ја на следниот линк.