Основното јавно обвинителство Скопје испратило мислење за барањето на Даравелски за повторување на судењето, со што се исполнуваат условите за Кривичниот суд во Скопје да донесе првостепена одлука
Близу еден месец откако осуденикот и поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, беше уапсен на граничниот премин Табановце, привршуваат и процедурите што тој ги покрена уште првиот ден по неговото сместување во КПУ „Идризово“.
На 11 јануари 2023 година тој побара ново судење откако во отсуство во 2008 година беше осуден на седум години затвор за злоупотреба на службената положба во периодот 1999-2002 година. Процедурата е таква што, откако надлежниот суд ќе го добие Барањето, потоа го испраќа предметот во надлежното обвинителство на мислење.
Мислење има, не се соопштува какво
„360 степени“ во повеќе наврати прашуваше во Основното јавно обвинителство Скопје – дали го добиле на мислење предметот на Даравелски и дали изготвиле мислење, кое е неопходно за постапката да продолжи. До крајот на минатата недела немаше ништо ново. Но денеска, не само што добивме потврда дека предметот е примен туку и дека обвинителството изготвило одговор.

Освен што временската низа укажува дека одговорот е изготвен експресно, од ОЈО Скопје не кажуваат дали се согласуваат или не се согласуваат со барањето на Даравелски за ново судење.
„Основното јавно обвинителство Скопје го прими барањето за мислење во врска со поднесеното барање за повторување на кривичната постапка поднесено од осуденото лице. Надлежен јавен обвинител ги разгледа наводите и основите на кои се повикува осудениот, изготви мислење и го достави до Основниот кривичен суд Скопје. Додека мислењето не го разгледа надлежниот суд, Основното јавно обвинителство Скопје нема да објавува детали”,
велат од ОЈО Скопје за 360 степени.
На потег е Кривичниот суд
Иако локациски се блиску, на помалку од 1 километар оддалеченост, не е реткост поштата од ОЈО Скопје до Кривичниот суд во Скопје да патува и по неколку дена, па и недели. Без тој одговор, сепак, Кривичниот суд не може да ја стави во „погон“ последната фаза од постапката која ја покрена Даравелски.
Одлуката, дали некое лице ќе добие повторено судење, ја носи кривичен совет во судот. Може да биде позитивна (да одобри ново судење) или негативна (да го одбие барањето за ново судење). Во секој случај, одлуката на Кривичниот суд не е конечна, туку првостепена. И обвинителството и барателот (осудениот, во случајот Даравелски) ќе имаат право на жалба до Апелацискиот суд. Одлуката на второстепениот суд ќе биде и конечна.
Повторено судење како ослободителна пресуда
Одлуката на Кривичниот суд, а потоа и на Апелацискиот суд за повтореното судење на Даравелски ќе доведе до црно-бел епилог. Ако го отфрлат барањата на Даравелски, тој ќе мора да си ги одлежи седумте години затвор. Но, ако му го прифатат барањето, извесно е дека тој многу наскоро ќе стане слободен граѓанин.

Логиката е следна. Даравелски е осуден за кривично дело што го сторил најдоцна во 2002 година. Според актуелниот Кривичен законик (КЗ), апсолутна застареност за кривични дела за кои е предвидена максимална затворска казна од 10 години настапува кога ќе помине двапати повеќе време од периодот кога е сторено кривичното дело, освен ако за тоа дело веќе не е донесена правосилна судска пресуда. Така, на пример, доколку за делото за кое се гони Даравелски е предвидена максимална казна од 10 години, а како што се наведува во обвинението тој последни дејствија на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања имал во 2002 г., апсолутна застареност настапува за 20 години, односно веќе би настапила во 2022 година ако немаше правосилна пресуда против него.
Тоа значи дека сè додека против Даравелски има пресуда, тој мора да биде во затвор. Но, ако судот ја поништи сегашната пресуда и нареди ново судење, ќе настапи застареност на кривичното гонење и судот ќе треба да констатира дека не може да биде гонет.
Има ли Даравелски право на повторено судење?
Можноста да бара повторно судење ја дава Законот за кривична постапка каде што во ставот 1 од членот 456 се предвидува дека постапката ќе се повтори ако осуденикот или неговиот адвокат поднесе барање во рок од една година откако лицето ќе дознае за пресудата со која е осудено во отсуство.

И во ставот 2 од истиот член се предвидува ново судење доколку, како што пишува, „против лицето осудено во отсуство во тек е постапка за екстрадиција и доколку државата во која се наоѓа лицето бара гаранции дека на лицето ќе му се дозволи право на повторно судење во негово присуство“.
Меѓутоа, како што веќе пишуваше „360 степени“, прашање е како судската власт ќе го толкува законот. На пример, дали би се прифатила тезата дека не е истечен рокот од една година и дали ќе се смета дека „осуденикот дознал сега“ во случај одбраната да тврди дека досега тој не ја примил правосилната пресуда.
Кога станува збор за вториот став, каде што се споменува дека ќе има повторно судење ако државата дала гаранции за повторно судење, во предметот со Даравелски на барање на Србија, македонските органи веќе гарантирале такво нешто, што го потврдува Основниот суд Скопје 1 во соопштение објавено во 2016 година.
„Во текот на 2014 година Основниот суд Куманово и Министерството за правда се обратиле до Основниот суд Скопје 1, како првостепен суд кој ја донел пресудата, со барање да издаде гаранција дека на Даравелски ќе му се суди во негово присуство доколку побара повторување на постапката пред овој суд, за што е издадена гаранцијата по повеќе преписки на Судот со Министерството за правда во Србија преку Министерството за правда во Македонија“,
гласи дел од соопштението на судот пред речиси седум години.
Но, и овде прашање е дали би се зела предвид ваквата гаранција со оглед дека српските власти, сепак, не го екстрадираа Даравелски, туку тој беше приведен на граничниот премин при обид за влез од Србија во Северна Македонија.