Со конвој од десет автомобили започна враќањето на словенечките граѓани кои беа затекнати во Северна Македонија.
Овие лица останаа во земјава по затворањето на границите поради епидемијата на коронавирусот. За некои е организиран и автобуски превоз.
Во меѓувреме, од словенечкото Министерство за надворешни работи информираат дека продолжуваат да организираат летови од европските земји до Словенија со цел сите нивни граѓани кои сакаат да можат да се вратат дома во Словенија.
За денеска во земјава е најавено пристигнување на два авиона од Хрватска и од Малта со наши државјани кои останаа заглавени во овие земји.
Како што вчера изјави државниот секретар во МНР, Зоран Попов, се работи за 373 наши државјани кои веднаш по пристигнувањето ќе бидат однесени во државен карантин.
Во меѓувреме, продолжуваат напорите на владата за организирање летови и од други дестинации за враќање на над 5 000 наши граѓани кои се во трети земји. Според МНР, 2 900 од нив засега се согласиле со условите, самите да го платат билетот и да одат во 14-дневен карантин, за што трошоците се на товар на државата.