Откако се мери Индексот на демократијата, РСМ имала највисока оценка во 2006 година (6,33). Наредните години индексот постојано се намалувал и во 2016 година паднал на најнизок ранг, 5,23. Во 2017 година пораснал на 5,57 и со континуиран раст од околу 0,10 во наредните години, во 2022 стигнал до 6,10
На скала од 0 до10, Северна Македонија добила најниска оценка за „политичката култура“ – 3,13. За „изборен процес и плурализам“ има највисока оценка – 7,83, за „функционирањето на Владата“ – 6,07, за „политичко учество“ – 6,11 и за „граѓанските слободи“ – 7,35

Северна Македонија е „демократија со недостатоци“ и со ниска политичка култура. Ваква оценка доби земјата во најновиот извештај на „Economist Intelligence Unit“ за Индексот на демократија за 2022 година, во која се анализирани 167 држави и истите се подредени во четири категории: развиени демократии, демократии со недостатоци, хибридни режими и авторитарни режими.
Три источноевропски земји, Молдавија, Црна Гора и Северна Македонија, беа надградени од
„хибридни режими“ до „неправилни демократии“ во 2021 година. Овие земји повторно регистрираат подобрувања во нивните резултати во 2022 година, се вели во извештајот на „Економист“.
Со индекс 6,10 и 72. место на листата, Македонија останува во групата „демократија со недостатоци“, и е за едно место повисоко од претходното рангирање, кога излезе од групата „хибридни режими“.

„Резултатот на Северна Македонија маргинално се подобрува, од 6,03 во 2021 година на 6,10 во 2022 година, поради подобрувања во оценката за граѓанските слободи, додека опаѓа оценката за функционирање на владата“,
се вели за Македонија во оценката на „Економист“.
Парламентот на Северна Македонија го одобри непопуларниот предлог во јули, кој резултира со кревање на ветото на Бугарија за преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Предлогот беше непопуларен во јавноста поради загриженост дека отстапките направени кон Бугарија ќе го поткопаат македонскиот национален идентитет. Во исто време, сепак, државата конечно ги објави првите официјални податоци од пописот во 2021 година и успешно ги надмина општествените и политичките прашања кои предизвикуваат поделба поврзани со бројот на етнички Македонци и етнички Албанци во земјата, се додава во извештајот.
Највисока оценката за демократија во 2006 година
Во извештајот се забележува дека индексот за демократија за Македонија од изборите во 2016 година до денес е покачен од 5,23 на 6,10. Откако се мери Индексот на демократијата, РСМ највисока оценка имала во 2006 година (6,33). Наредните години индексот постојано се намалувал и во 2016 година паднал на најнизок ранг, 5,23. Во 2017 година пораснал на 5,57 и со континуиран раст од околу 0,10 во наредните години, во 2022 стигнал до 6,10.

Какви оценки добила Македонија?
На скала од 0 до10, Северна Македонија добила најниска оценка за „политичката култура“ – 3,13. За „изборен процес и плурализам“ има највисока оценка – 7,83, за „функционирањето на владата“ – 6,07, за „политичко учество“ – 6,11 и за „граѓанските слободи“ – 7,35.

Каде се рангирани соседните земји?
Бугарија, со индекс 6,53 и 57. место на листата, исто така е сместена во категоријата „демократии со недостатоци“. Бугарија, исто како и Македонија, добила најниска оценка за „политичката култура“ – 4,38. Највисока оценка има за „изборен процес и плурализам“ – 9,17, за „граѓански слободи” – 7,65, а за „политичко учество“ – 6,11. За „функционирање на владата“ Бугарија добила оценка – 5,36, што е низок индекс во споредба со членките на ЕУ.
И Бугарија како и Македонија имала највисока оценка за демократија во 2006 година – 7.10, која континуирано се намалувала до 2012 година кога стигнала до индекс 6,72. По период на стагнација, во 2015 година забележала огромен скок и стигнала до најдобрата оценка, од 7,14. Но, таа во наредните години почнала повторно да опаѓа, за во 2022 година да стигне до 6,53, или пад од четири места подолу во однос на претходното рангирање.

Црна Гора (6,45), Грција (7,97), Албанија (6,41) и Србија (6,33) исто така се класифицирани како „демократии со недостатоци“. Откако го подобри својот резултат за 0,41 поени, Грција сега е блиску до рекласификација како „целосна демократија“, се вели во извештајот на Економист.
Што се однесува до оценката за политичка култура, Србија (3,75) и Црна Гора (3,75) не заостануваат многу зад Македонија. Албанија за политичка култура има оценка 6,25 а Грција 7,50.

Црна Гора, Грција и Албанија се меѓу „топ 10“ земји посочени за постигнување на значајни позитивни промени во споредба со 2021 година.
На листата од 167 држави каде што е мерен индексот на демократија, меѓу првите шест држави доминираат пет скандинавски земји. Прва е Норвешка, втор е Нов Зеланд и потоа следат Исланд, Шведска, Финска и Данска. Според Индексот, само 8 отсто од светското население живее во вистинска демократија – 24 земји, што е 14,4 отсто од сите држави.
