Гаши, од позиција на прв човек на Алтернатива, рече дека нивната партија нема црвени линии за коалициските партнери и дека се подготвени да направат компромис и да отстапат некои од министерските места на кои имаат нивни кадри
Алтернатива ќе чека да завршат преговорите помеѓу СДСМ и Алијанса за Албанците, па потоа ќе разговараат за тоа дали ќе останат или ќе ја напуштат владината коалиција.
„Ние сме за компромис и околу распределбата на ресорите. Но, партиските органи ќе одлучат за останување или излегување од Владата“,
рече лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, на паузата од вечерашниот состанок на членството во Гостивар.
Според него, доколку Алијанса за Албанците биде владин партнер, но и ако Алтернатива остане, тогаш ќе има начини и канали за комуникација и соработка, бидејќи, како што нагласи, Алтернатива е кооперативна партија.
Гаши, од позиција на прв човек на Алтернатива, рече дека нивната партија нема црвени линии за коалициските партнери и дека се подготвени да направат компромис и да отстапат некои од министерските места на кои имаат нивни кадри.
Во врска со шпекулациите дека има условувања за останување или напуштање на Владата, на прашање на МИА да даде оценка или партиски став, лидерот на Алтернатива вели дека како партија се исправени пред тој предизвик, но, како што додава, за жал или за среќа, ќе почекаат да видат како Алијанса за Албанците ќе ги води преговорите со СДСМ за влез во Владата.
„Доколку се постигне договор помеѓу нив, ние ќе погледнеме дали е чепнат и дали тоа го засега нашиот договор за влез во Владата“,
истакна Гаши.
Партиското раководство на Алтернатива вечерва има состанок на кој, меѓу другото, се разговара и за натамошните чекори кои би се презеле при евентуален влез на Алијансата за Албанците во Владата.
Тој потсети дека нивното придружување во владината коалиција било поставено на два главни столбови: политичкиот договор од девет точки и преземање одговорности и функции кои требаше да ги преземат.
Гаши појасни дека на овие состаноци со членството ги дискутираат можните импликации од останување или напуштање на коалициската влада.
Лидерот на партијата напомена дека во моментов нема никаква понуда за која би се разговарало во партијата за да се донесе заклучок и да се разговара со идните коалициски партнери
Првиот човек на Алтернатива, на прашањето зошто денеска го одбраа Гостивар и дали тоа има некоја посебна порака, истакна дека ова се редовни партиски активности преку кои потесното раководство е во контакт со членството и ограноците и не се во корелација со актуелните политички збиднувања. Минатата недела, како што рече Гаши, биле во Тетово, оваа недела се во Гостивар, за наредната ќе се договорат.
Изминатиот период Алтернатива во неколку наврати нагласуваше дека нема потреба од проширување на владиното мнозинство со Алијанса за Албанците бидејќи тоа е стабилно, потенцирајќи дека договорот за коалицирање треба да се почитува.
Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, вчера во Владата се сретна со премиерот Димитар Ковачевски, со кого разговарале за евентуално проширување на владиното мнозинство. Како што соопшти Таравари по средбата, Алијанса за Албанците е сè поблиску до влез во Владата, програмите се усогласени, а на ред се кадровските решенија.
Во однос на распределбата на ресорите, лидерот на Алијанса посочи дека како партија имаат најдобри кадри за Министерството за здравство. Денеска, извори од АА за МИА велат дека министерствата за правда и за здравство се ресорите кон кои целат да ги раководат. Извори од Алијансата за Албанците потенцираат дека за трето министерско место останува да преговараат следните денови, заедно со кадрите од вториот и третиот ешалон.
И премиерот Димитар Ковачевски синоќа, пред состанокот на Извршниот одбор на СДСМ, напомена дека во најголем процент се усогласиле со Алијанса за Албанците и нагласи дека во делот на сите други аспекти од можна соработка, разговорите ќе продолжат.
Извршниот одбор на СДСМ синоќа на седница едногласно одлучи да продолжат разговорите со Алијанса за Албанците за влез на оваа партија во владината коалиција.