Опозицискиот лидер додаде дека сè уште е оптимист за одржување предвремени парламентарни избори, а во таа насока кажа дека верува оти пратениците од парламентарното мнозинство кои се незадоволни од состојбите нема да ги поддржат новите министри кои би ги предложил премиерот Димитар Ковачевски
Потенцијалното приклучување на Алијанса за Албанците (АА) во владејачкото мнозинство и можната нова владина коалиција, според лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се еднакви на естрада во која, како што рече, влегуваат политичари кои имаат цел да го ограбуваат народот.
Опозицискиот лидер оцени оти можната нова владина коалиција нема да има капацитет за реформи.

„Оваа нова коалиција ја поистоветувам со естрада, во која овие политичари кои влегуваат во оваа владина естрадна коалиција имаат само една цел, а тоа е да задоволат неколкумина околу себе и да наместат уште неколку тендери за да можат да го ограбуваат народот. Таму нема капацитет за реформи затоа што јас такво нешто не видов во овие пет и пол години додека СДСМ е на власт“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при посета во Општина Карбинци.
Мицкоски додаде дека сè уште е оптимист за одржување на предвремени парламентарни избори, а во таа насока кажа дека верува оти пратениците од парламентарното мнозинство кои се незадоволни од состојбите нема да ги поддржат новите министри кои би ги предложил премиерот Димитар Ковачевски.
Тоа, пак, според него, ќе го даде одговорот дали ќе има предвремени избори или ќе се оди на редовни избори кои следната пролет би се одржале заедно со претседателските.