Северна Македонија, му рекол Османи на Борел, сега како земја-преговарач за членство во ЕУ, има за цел во блиска иднина да претседава со Советот на ЕУ

Нашето претседавање со ОБСЕ оваа година ќе се раководи од веќе договорените обврски на сите 57 земји-членки, нема да правиме компромиси кои ќе ги загрозат основните документи и со консензус усвоените одлуки на Организацијата, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи кој во улога на претседавач со ОБСЕ денеска попладне имаше средба и заедничка прес-конференција со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
„Најголемиот предизвик останува воената агресија на Русија врз Украина. Тоа е неоправдана војна врз независна држава, членка на ОБСЕ. Руската Федерација со воената агресија врз Украина, флагрантно го прекрши Хелсиншкиот завршен документ и сите заложби и принципи на Организацијата“,
рече Османи.
Северна Македонија како претседавал, рече Османи, строго ќе ги почитува основните принципи и вредности на ОБСЕ, а своето знаење и искуство ќе го пренесе во регионот на земјите-членки на Организацијата.
„Северна Македонија преку меѓуетничките односи, културата на дијалог што ја наметна, културата на компромис и добрососедските односи, создаде имиџ за државата, како и за препознатливост во меѓународната заедница. Ние сме модел во регионот за функционална мултиетничка демократија, со загарантирани права за сите заедници кои живеат во Северна Македонија“,
посочи Османи.
На прес-конференцијата и на средбата со Борел тој посочи дека е важна соработката помеѓу ОБСЕ и ЕУ бидејќи тоа ќе придонесе за функционалност на организацијата. Сите земји-членки на ЕУ, нагласи, се дел и од ОБСЕ, а синергијата помеѓу двете организации може да помогне во унапредување на процесите кои понекогаш изгледа дека се блокирани.

Во соопштението за средбата, од МНР посочуваат дека на крајот од состанокот Османи посочил дека Северна Македонија, сега како земја-преговарач за членство во ЕУ, има за цел во блиска иднина да претседава со Советот на ЕУ.
„Ние сме посветени на оваа задача и сме благодарни на континуираната поддршка на ЕК и на потпретседателот Борел, но и на другите институции на ЕУ и земјите-членки. Нашиот успех ќе биде и заеднички успех“,
изјави Османи.
Високиот претставник на ЕУ, пак, во однос на претседавањето со ОБСЕ, порача дека пред Османи е тешка задача во ситуација кога се случува неоправданата воена агресија на Русија врз Украина и потенцираше дека Северна Македонија како претседавач ќе ја има целосната поддршка од Унијата.
Борел на прес-конференција зборуваше и за преговарачкиот процес на земјава со ЕУ, како и за односите со Бугарија за што посочи дека е загрижен кога има непотребни тешкотии и ескалација на тензиите за што испрати осуди за повиците за насилство, нападот на Христијан Пендиков во Охрид, но и за изјавите на, како што рече, националистичките политичари.