Шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ, Османи, рече дека двете организации почиваат на вредности и принципи и нагласи дека земјава како претседавач со ОБСЕ ќе се води од заложбите зацртани во Хелсиншката декларација, a кои се сурово прекршени од страна на Русија со агресијата врз Украина
Честитајќи му на Османи за преземањето на претседателството со ОБСЕ, заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, рече дека Организацијата е од огромно значење за евроатлантската стабилност и меѓународниот поредок заснован на правила, кој, како што посочи, е загрозен од Русија
ОБСЕ и НАТО, и покрај различната природа како организации, имаат простор во кој може да дејствуваат заедно и да придонесат за стабилноста и безбедноста на Европа, особено по руската инвазија на Украина, заеднички оценија шефот на македонската дипломатија и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, и заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана.

Двајцата се обратија пред медиумите пред почетокот на денешната тематска сесија на Северноатлантскиот совет на НАТО на која ќе се разговара за теми во доменот на двете организации. Во рамките на состанокот, Османи ќе ја презентира и програмата на Северна Македонија во рамките на нејзиното претседавање со ОБСЕ.
На кратката прес-конференција, шефот на дипломатијата рече дека двете организации почиваат на вредности и принципи и потенцира дека земјава како претседавач со ОБСЕ ќе се води од заложбите зацртани во Хелсиншката декларација, a кои се сурово прекршени од страна на Русија со агресијата врз Украина.
„И покрај различната природа, и НАТО и ОБСЕ играат важна улога во архитектурата на европската безбедност и иднината на стабилноста и безбедноста на континентот. Двете организации почиваат на принципи и вредности. Во случајот на ОБСЕ, заложбата темелена на Хелсиншката декларација беше сурово прекршена при агресијата (врз Украина н.з.). Како што на Северна Македонија ѝ е доверена улогата на чувар на оваа заложба, овде сум да ја потврдам посветеноста дека единствениот излез е да се биде на линија на Хелсиншката декларација“,
рече Османи.

Како и во Виена и Киев пред две недели, Османи посочи дека клучниот фокус на нашето претседавање со ОБСЕ ќе биде Украина. Тој и денеска од седиштето на НАТО во Брисел порача дека агресијата мора да запре и дека цивилните жртви и разурнувањата се неприфатливи.
Но, исто така, посочи Османи, фокусот мора да биде ставен и на други горливи прашања кои изникнуваат во регионот на ОБСЕ и предизвикуваат тензии, а кои се последица на агресијата на Русија.
„Мора да го држиме вниманието на овие тензии. ОБСЕ има богата палета на алатки дизајнирани за адресирање на вакви прашања, има докажано досие на справување со тензиите и враќање на мирот. Ова исто така ќе биде фокусот на нашето претседавање. ОБСЕ има свои предности кои произлегуваат од нејзиниот сеопфатен пристап кон безбедноста, НАТО, пак, има свои предности и мислам дека има простор во кој може да соработуваме со цел да придонесеме за стабилноста и безбедноста на нашиот регион“,
истакна Османи.
[LIVE] ? ? Watch #NATO Deputy Secretary General @Mircea_Geoana‘s joint press statements with #NorthMacedonia‘s Foreign Minister ?? and @OSCE Chairperson-in-Office @Bujar_O https://t.co/8ilA7th9in
— Oana Lungescu (@NATOpress) January 31, 2023
Честитајќи му на Османи за преземањето на претседателството со ОБСЕ, заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, рече дека Организацијата е од огромно значење за евроатлантската стабилност и меѓународниот поредок заснован на правила, кој, како што посочи, е загрозен од Русија.
„Живееме во време кога Русија го потресе овој поредок. Бруталната инвазија на Украина не е само брутален напад на независна демократска нација во Европа, туку на вредностите кои ги негуваме овде. Патем, тука се договорите од кои Русија е дел, вклучително договорите на ОБСЕ, договорите на Обединетите нации, како и договорите НАТО-Русија“,
рече Џоана.

Тој посочи дека НАТО и ОБСЕ имаат многу блиски партнерски односи и дека соработуваат во врска со многу прашања како борбата против сајбер-тероризмот, човековата безбедност и контролата на оружје.
„Некој којшто бил во вашите чевли години наназад, знае колку Северна Македонија ми е при срце. Верувам во искрено партнерство и ви посакувам многу среќа во рамките на вашата многу важна позиција и ништо не ме прави погорд отколку да видам пријател на толку важна меѓународна позиција. Затоа добре дојде во седиштето на НАТО, ова е исто така и ваш дом“,
истакна Џоана.
Шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, од вчера е во дводневна работна посета на Брисел, каде што покрај средбите во седиштето на НАТО, како што е најавено, ќе има средби со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел.
Покрај Борел и Џоана, Османи ќе има средби и со специјалниот пратеник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, и со еврокомесарот за кризен менаџмент Јанез Ленарчиќ.
