Вработените во Шумското претпријатие „Лопушник“ бесправно изготвиле службена документација за сеча на 167 метри просторни огревно дрво и му ја издале на физичко лице од Прилеп, а со тоа направиле штета на Јавното претпријатие „Национални шуми“ од околу 12 400 евра

Одделението за внатрешни работи од Кичево поднесе кривична пријава против четворица кичевци затоа што како вработени во шумското претпријатие „Лопушник“ дале лажни документи за сеча на огревно дрво и направиле штета од 769 300 денари или 12 400 евра.
„Пријавените, вработени во Шумското претпријатие ‘Лопушник’, ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и бесправно изготвиле службена документација за сеча на 167 метри просторни огревно дрво и ја издале на физичко лице од Прилеп. Со тоа предизвикале штета на Јавното претпријатие ‘Национални шуми’ од 769 300 денари“,
информираат од МВР.
Кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување се поднесени против двајца кичевци Б.М.(70) и З.К.(64), и против Т.Ј.(53) од кичевското село Другово, додека против кичевецот А.Т.(36) за сторено кривично дело кражба.