Битиќи и Казуја посочиле дека билатералните односи помеѓу двете земји се на завидно ниво, а се согласиле дека постои голем потенцијал за унапредување на економската соработка
Влезот на С Македонија во НАТО и отпочнувањето на преговорите со Европската Унија (ЕУ) ја прават земјата стабилен и сигурен партнер за инвеститорите, оценил амбасадорот на Јапонија во Скопје, Оцука Казуја, на денешната средба со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Вицепремиерот и јапонскиот амбасадор, како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, разговарале за економската соработка помеѓу двете земји и потенцијалите за нејзино интензивирање.
„Вицепремиерот Битиќи упати благодарност до јапонскиот амбасадор за поддршката што оваа земја ја дава за развојот на Република Северна Македонија и која е еден од најголемите билатерални донатори за реализација на конкретни програми и проекти, со средства од јапонскиот народ, кои се спроведуваат преку Јапонската агенција за меѓународна соработка (ЈИКА)“,
се наведува во соопштението.
Битиќи и Казуја посочиле дека билатералните односи помеѓу двете земји се на завидно ниво, а се согласиле дека постои голем потенцијал за унапредување на економската соработка.
Притоа вицепремиерот истакнал дека економските политики на Владата се насочени кон привлекување на нови инвестиции на високо технолошко развиени компании, како што несомнено има и во Јапонија и дека целта на Владата е да се подигне конкурентноста на земјата и регионот на Западен Балкан, преку вклучување на компаниите во глобалните синџири на производствените компании.
„Амбасадорот Казуја се согласи дека со влезот на земјата во НАТО и отпочнувањето на преговорите со Европската Унија, нашата земја е стабилен и сигурен партнер за инвеститорите, притоа изразувајќи поддршка за нашиот евроинтегративен процес“,
информираат од владината прес-служба.
Тој изразил задоволство што земјава го потврдила своето учество на „Осака експо 2025 година“ што ќе се организира на тема: „Креирање идно општество за нашите животи“.