Во врска со начинот и методологијата на кои е изготвено вештачењето, стручноста на вештаците и дали тие подеднакво ги зеле предвид претходните вештачења предложени и од одбраната и од обвинителството, беа дел од прашањата преку кои обвинителот се обиде да ги оспори и дискредитира наодите во супервештачењето
Според дел од роднините на оштетените, ова супервештачење е нарачано од одбраната, а за адвокатите, пак, е изработено од професионалци со кредибилитет
На моменти тензично, со многубројни приговори и дофрлања, течеше денешното судското рочиште за автобуската несреќа кај „Ласкарци“ во која загинаа 16 патници, а 37 лица беа повредени пред речиси четири години.
По спротивставените вештачења изведени од Основното обвинителство Скопје и од одбраната, судечкиот совет на чело со судијката Дијана Груевска-Илиевска, нарача нови супервештачења. На нив се чекаше повеќе од една година, а откако крајот на 2022 година до Основниот кривичен суд Скопје беа доставени две супервештачења (едно од машински и едно до сообраќајни инженери), денеска во судница се појавија четворицата вештаци потпишано на машинското вештачење за да одговараат на прашањата на обвинителот Дарко Јакимовски и адвокатите на шестемина обвинети.
Супервештачењето на машинските инженери претходно беше доставено до странките, па во судница не беа презентирани нивните заклучоци, но според изјавите дадени пред медиумите и прашањата кои во судница ги поставуваше обвинителот, тоа оди во насока да ја сруши теоријата на Обвинителството за одговорност кај сите обвинети (сопственикот на „Дурмо турс“, вработен во фирмата, како и тројца вработени во станицата за технички преглед) и најголем дел од вината ја лоцира кај возачот на автобусот на „Дурмо турс“.

„Целото супервештачење се состои во последните две страни каде што стои заклучок, во кој стои дека никој нема вина освен возачот. Тоа покажува дека другите пет обвинети немаат никаква вина во оваа постапка иако во минатите 150-160 рочишта со милион страници се покажуваше дека тука има вина, пред сè на одговорниот сопственик Дурмиш Белули и не може да се избегне дека неговата компанија уби 16 невини луѓе“,
изјави татко на еден од настраданите патници, Благојче Трпевски, кој вештачењето го нарече и „нарачано од одбраната“.
Дека овие вештаци, исто како и сообраќајните инженери, вината ја лоцираат кај возачот посочи и адвокатот Сашко Дукоски, бранител на еден од обвинетите.
„Заклучокот во двете вештачења е дека се работи исклучиво и само за субјективен фактор односно субјективна грешка, човечки фактор, во конкретниот случај станува збор за возачот. Секакво друго инволвирање на други лица кои се обвинети за иста правна квалификација е правен нонсенс, незабележано во сегашната пракса. На тоа укажува и супервештачењето како од сообраќајна така и од машинска сфера“,
рече Дукоски пред медиумите.
Тензијата во судница, пак, се насети уште на почетокот на рочиштето кога обвинителот Јакимовски бараше да ги испитува вештаците според свој план и концепт, додека судијката Груевска-Илиевска инсистираше сите да се испитуваат заедно бидејќи работеле како тим односно еден да одговара, па ако другите имаат нешто да дополнат.
Обвинителот побара на неговите прашања прв да одговара Зеќирија Зеќири, кој е со највисока титула – доктор по технички наука и чија стручност се обиде да ја оспори бидејќи неговиот докторат е во областа на индустриското инженерство, а не на моторни возила. Другите колеги на Зеќири (Дамјан Мирчевски, Јованка Савовска и Иван Ѓоковски) беа во судница и на моменти го дополнуваа со одговорите.
Еден од тие моментите беше кога обвинителот праша кога го добиле решението од директорот на Бирото за вештачења за да постапуваат по предметот, па за одговор се јави Мирчевски.
„Решението е донесено на средина на февруари 2022 година“, рече тој.
„Ве молам констатирајте дека имаме упад во сред испитување“, реагираше обвинителот.
Судијката Груевска-Илиевска, пак, реплицираше: „Ама тој е водач на тимот“, а обвинителот праша каде го пишува тоа во документот.
Роднините на настраданите, пак, не се воздржаа и реагираа во судница.
„Судија што правите, срамота е ова. Цуркус“, дофрли еден од нив.
Откако вештакот уште еднаш повтори дека решение добиле во февруари 2022, обвинителот праша:
„Ова не го знаеше вештакот вклучен во тимот? Требаше асистенција, помош за да се одговори?“.

Слични ситуации имаше и понатаму, кога обвинителот реагираше судијката да не му ги ублажува прашањата што ги поставува и дека не може трето лице да се меша во одговорите, на што судијката му одговори дека тоа не е трето лице туку тие се тим и оти на самиот почеток на рочиштето било кажано дека ако некој од тимот вештаци има нешто да дополни ќе може да го направи тоа.
Меѓу прашањата што ги упати Јакимовски беше и дали некој од тимот вештаци има лична засегнатост од исходот во судската постапката и дали има конфликт на интерес, на што Зеќири одговори:
„Најпрофесионално сме избрани. Немаме блиска релација или конфликт со кој било учесник во постапката“.
Обвинителот преку прашањата забележуваше и дека тимот во извештајот се повикува и цитира делови од вештачења и искази на вештаците на одбраната, додека од друга страна не го прави тоа на ист начин со вештачењето и исказите на вештаците предложени од Обвинителството кои се од Машинскиот факултет во Скопје.
Преку испитувањето на сведокот, Јакимовски констатира и дека од околу 70 страници супервештачење, ставот на вештаците е на не повеќе од седум страници, а сè друго е транскрипција од останатите наоди и искази изведени во постапката.
„Спомнавте дека решение за изготвуваше супервештачење сте добиле во февруари, па до декември 2022 вас ви требаа 10 месеци за да може да формирате став во наод на седум страни?“,
праша обвинителот.
„Не е работа колку се страни туку колку ќе бидат ефикасни и прецизни. Ние мислевме дека доволно работи има кажано таму. Времетраењето од 10 месеци е поради огромниот број материјали и докази кои мора да ги анализираме“,
одговори вештакот Зеќири.
Адвокатите на обвинетите, пак, имаа многубројни приговори за прашањата на обвинителот, обидот да ги дискредитира вештаците и да го оспори нивниот извештај. Нивниот став е дека станува збор за кредибилни лица, а обвинителот е тој што постапува незаконски и се однесува, според нив, како полномошник на оштетените.

„Станува збор за апсолутно кредибилни вешти лица, прво од академски статус, се работи за доктори на науки. Дури и да ги немаат тие титули апсолутно се кредибилни од проста и едноставна причина што сите тие се вешти лица со лиценца регистрирани според Законот за вештачење во Министерството за правда. Непристојно е, јавниот обвинител да изигрува полномошник на оштетените. Тој е адвокат на државата и со еднакво внимание треба да ги гледа доказите – и оние што одат на штета на обвинетите, но и тие во нивна полза. А, не да биде полномошник на оштетените затоа што тие веќе имаат ангажирано полномошници, тоа е незаконско постапување кое јавниот обвинител го практикува во текот на целото судење“,
изјави Дукоски.
Покрај машинските инженери, во судница треба да сведочат и сообраќајните инженери за своето супервештачење.
Супервештачењето беше нарачано на 21 декември 2021 година. Судот го испрати предметот до Бирото за супервештачење откако претходно Техничкиот факултет во Битола одби да го изврши вештачењето поради недостиг на стручни лица.
Крајот на декември 2022 година супервештачењето конечно пристигна во судот откако претходно беа испратени десетина ургенции.
Автобуската несреќа со 16 жртви и 37 повредени се случи на 13 февруари 2019 година кога автобус на „Дурмо турс“, кој возеше на редовна линија Скопје-Гостивар, излета од автопатот во близина на селото Ласкарци. Обвинети во овој судски процес се шест лица. Покрај возачот, на обвинителна клупа седат сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, и одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, како и тројца вработени во станицата за технички преглед. Првите тројца се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека останатите за соучество во истото дело.