Сите обвинети добија поблаги казни во споредба со тие од претходната пресуда. Според изјавата на обвинителот, на тоа можеби влијаело што била направена правна преквалификација на делото, иако и сега, за повреда на избирачкото право, и претходно за злоупотреба на службената положба и овластувања, максималната казна затвор е иста
Јавниот обвинител Гаврил Бубевски смета дека денеска изречените казни затвор од по две години за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи и четворицата поранешни членови на ДИК во повтореното судење за „Титаник 2“.
Тој смета дека казните се во рамки на предвиденото, но меѓу причините е и да не ја одолговлекува постапката со цел да не застари делото на Мијалков.
„Со оглед дека кога има жалба од двете страни веќе се обременува предметот, од страна на обвинителството во овој случај, барем според мене, јас не би поднел никаква жалба во однос на казната и мислам дека е во рамките на она што е предвидено со законот. Но, и да се спречи одолжување на постапката за да може Апелација да одлучи до законски предвидениот рок“,
изјави Бубевски.
Мијалков во случајот е осуден за примање награда за противзаконито влијание. Меѓутоа, во април годинава настапува застареност на ова дело, па доколку до тогаш Апелацискиот суд во Скопје не се изјасни за жалбите кои веќе ги најави одбраната, тој ќе се спаси од одговорност.
Тачи, како и четворицата поранешни членови на ДИК (Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев), пак, се осудени за повреда на избирачкото право и нивните казни се поблаги во однос на оние со претходната пресуда. Тие во првиот судски процес пред првостепениот суд се гонеа за злоупотреба на службената положба, но со оглед дека обвинителството направи прецизирање во делот на штетата која изнесуваше околу 400 евра која во завршните зборови обвинителот ја повлече, дојде и до измена во делот на кривичното дело.
Според изјавата на обвинителот, тоа можеби влијаело сега судот да им изрече поблаги казни, иако можел да им ги изрече и истите.
„Конкретно за казните, судот во пресудата ќе си каже на што се должат, иако јас како јавен обвинител во завршниот збор направив одредена правна преквалификација иако дејствијата на обвинетите беа содржани и во претходното обвинение. Меѓутоа, со оглед дека направив правна преквалификација која предвидува минимум казна затвор од три години, па до 15, а претходно беше минимум пет па до 15. Можеби ова нешто влијаело на изрекување на ваква казна, не знам што би можело друго. Иако, јас ги кажав и отежнувачките и олеснувачките околности кои се превидени во законот и морам да ги кажам“,
рече Бубевски.
По две години затвор, сепак, е под законскиот минимум и за ова делото повреда на избирачко право.
„За господинот Мијалков не е под минимум затоа што предвидената казна е од една до пет, за другите се под минимумот, но тие и не се осудувани. Значи таква е и казнената политика вообичаено“,
рече Бубевски.
Со првата пресуда на Основниот кривичен суд Мијалков за истото дело како и сега доби три години затвор, додека Тачи за злоупотреба на службената положба и овластувања имаше три години и два месеци. Највисока затворска казна тогаш од четири години и шест месеци доби Ибраими, а другите членови на ДИК беа осудени на по три години.
Оваа пресуда беше донесена во март 2019, а во декември истата година Апелација ја укина и го врати случајот на повторно судење пред првостепениот суд. По повеќе од три години од укинувањето на првата, денеска беше донесена втората пресуда.