Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) утрово соопшти дека кај еден пациент од Гевгелија е детектиран новиот подсој на омикрон познат како „кракен“.
„Кај еден примерок, од вкупно 32, е детектирана XBB.1.5 омикрон сублинијата позната како Кракен. Пациентот кај кој е детектирана новата сублинија е од Гевгелија, a примерокот е земен на 11.1.2023 година“,
соопшти Институтот за јавно здравје.
ИЈЗ додава дека 32 примерока се позитивни на SARS-CoV-2, а селектираните примероци биле од декември 2022 година и јануари 2023 година.
„Кај 8 примероци е детектирана BA.2 сублинијата на Омикрон сојот. Кај останатите 23 SARS-CoV-2 примероци е детектирана ВА.5 сублинијата на Омикрон“,
додаваат од ИЈЗ.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, во врска со сојот „кракен“ претходно изјави дека сите податоци што досега ги имаат укажуваат дека се работи за варијанта што предизвикува благи симптоми (иако лесно се пренесува) и не се очекува неговото ширење драстично да го оптовари здравствениот систем.