Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, бара Владата да донесе порадикални мерки, како карантин на територијата на целата општина, откако денеска добиле информација за нови случаи на заразени со коронавирусот.
„Општината опстојува на своето барање Куманово да се прогласи за карантинска зона, со контролиран влез и излез од градот и дополнително вршење дезинфекција на сите тие пунктови. Дадовме задолжение за дезинфекција на сите оние места каде што живеат жители со позитивни тестови на коронавирусот. Истовремено, апелирам на смиреност. Ова е борба во која учествуваме сите и сите треба да дадеме свој придонес. Тоа ќе го направиме со останување дома, да го сведеме движењето на минимум“,
вели Димитриевски.
Во Куманово вкупно 11 лица се заразени со коронавирусот. Меѓу нив и двајца доктори и една медицинска сестра од кумановската болница, кои претходно имале контакт со пациентката која почина од ковид-19.
Владата вчера донесе одлука за укинување на градскиот и меѓуградскиот патнички и железничкиот јавен превоз во Куманово. Владата им препорача на компаниите со големи производствени и продажни капацитети во оваа општина да го приспособат своето работење со редуциран број вработени или целосно да ги затворат.
Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, пак, се задолжени да преземат поинтензивни активности не само во Куманово туку и во целиот Кумановски Регион. Треба да подготват посебен план со екипи за да се преземат сите потребни мерки за спроведување поголем број тестирања, со цел континуирана детекција и организација на следење на состојбата со бројот на инфицирани лица од коронавирусот, како и да се упати стручен медицински персонал и да се обезбеди техничка помош за потребите на Општата болница во Куманово.