Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, најголемиот товар во справувањето со последиците од кризата што ја предизвика коронавирусот треба да го понесат тие кои тоа го можат, а не оние што егзистираат со просечна плата
Не е коректно да се кратат средства од администрацијата и од обичните работници, бидејќи најголемиот дел од товарот треба да го понесат тие кои тоа го можат, а не оние кои егзистираат со просечна македонска плата, оцени во денешното интервју за МТВ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Доколку се намалат редовните примања на администрацијата и сумата се сведе на 14.500 денари, тоа значи дека ќе опадне трговијата, бидејќи луѓето ќе немаат средства за снабдување и обезбедување на секојдневни потреби. Тогаш кризата ќе ја почувствуваат и најмалите маркети“,
рече Мицкоски.
Тој посочи неколку мерки што, според него, владата треба да ги примени со цел подобрување на економската ситуација во државата.
„Една од мерките е до 50 проценти бруто-трошоците да ги подмири Владата. Тука спаѓаат нето- платите и сите дополнителни придонеси. Потоа да се замрзнат главнината и каматите кај банките, односно заемодавателите“,
појасни Мицкоски.
Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ уште пред неколку седмици укажува на тоа дека ако позајмиците од странските банки не се земат во вистинско време ќе пораснат каматите, а за тоа некој ќе треба да сноси одговорност бидејќи се работи за огромни суми. Мицкоски изјави дека од една страна власта троши осум милиони денари за четири дена за репрезентации и патувања во странство, а од друга страна вели дека ќе ги покрива аранжманите на туристичките агенции и ќе ги крати платите на администрација. Тоа, според неговите оценки, не личи на ништо.