Авионите „авакс“, кои обично се наоѓаат во близина на Ахен во западна Германија, ќе бидат сместени во базата на романските воздухопловни сили во Отопени, во близина на Букурешт, на околу 200 километри од источната граница на Европската Унија и земјата членка на НАТО со Украина, каде што ќе останат неколку недели
Северноатлантската алијанса (НАТО) ќе премести неколку од своите извиднички авиони од Германија во Романија, каде што ќе бидат поблиску до Украина, јавуваат агенциите.

Авионите за набљудување на системот за воздушно предупредување и контрола – „авакс“ треба да пристигнат во Букурешт во вторник, на 17 јануари, „за да го поддржат зголеменото присуство на алијансата во регионот и да ја следат руската воена активност“, соопшти НАТО денеска.
Авионите „авакс“, кои обично се наоѓаат во близина на Ахен во западна Германија, ќе бидат сместени во базата на романските воздухопловни сили во Отопени, во близина на Букурешт, на околу 200 километри од источната граница на Европската Унија и земјата членка на НАТО со Украина, каде што ќе останат неколку недели.
„Додека илегалната војна на Русија во Украина продолжува да ги загрозува мирот и безбедноста во Европа, не смее да има сомнеж во решеноста на НАТО да ја заштити и брани секоја педа од сојузничката територија“,
рече Оана Лунгеску, портпаролка на НАТО.
Таа додаде дека „аваксите“ можат да откријат авиони на стотици километри, што ги прави клучна алатка во способноста за одвраќање и одбранбената положба на НАТО.
„Ѝ благодарам на Романија што е домаќин на авионите, што дава важен придонес за нашето рано предупредување“,
додаде Лунгеску.
Покрај авионите во базата Отопени ќе биде распореден и воен персонал од околу 180 лица.
НАТО не прецизира колку од своите 14-те „авакси“, кои моментално се стационирани во Германија, ќе бидат испратени во Романија, но според воени извори, на кои се повикува германската новинска агенција ДПА, станува збор за три авиони кои ќе бидат распоредени во источноевропската земја.
Авионите „авакс“, со својот радарски систем може да лоцираат и идентификуваат други авиони на оддалеченост од повеќе од 400 километри.
Авионите можат да пренесуваат информации до сите други во воздушниот простор кои се соодветно опремени, што значи дека теоретски може да се користат како летачки командни пунктови.
Во минатото тие беа распоредени за време на операции насочени кон терористичката група „Исламска држава“ и во Авганистан.
Лидерите на земјите на НАТО на Самитот на 24 март 2022 година се договорија да го зајакнат присуството на Алијансата на северното крило.
Беше договорено да се формираат четири дополнителни борбени групи во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка.
„Сега имаме осум мултинационални борбени групи на НАТО од Балтикот до Црното Море“,
најави Јенс Столтенберг на крајот од вонредниот самит на НАТО.
Тој тогаш потврди дека присуството на Алијансата ќе биде засилено и на копно и на море и воздушниот простор на земјите на НАТО кои граничат со Украина.