По средбата, лидерите на партиите на Албанците кои присуствуваа на неа ја оценија како братска, релаксирана средба во чиј фокус била заедничката европска иднина на двете земји
Доцна вечерва заврши средбата меѓу лидерите на албанските политички партии во Северна Македонија со премиерот на Албанија Еди Рама која се одржа во Тирана. По средбата, лидерите на партиите на Албанците кои присуствуваа на неа ја оценија како братска, релаксирана средба во чиј фокус била заедничката европска иднина на двете земји.
По средбата, лидерот на ДУИ, Али Ахмети во изјава за „Клан Македонија“ чија екипа е во Тирана, кажа дека средбата поминала во позитивен и братски дух и порача дека Северна Македонија и Албанија имаат заедничка иднина во Европската Унија, но и заеднички предизвици кои ги очекуваат двете земји во овој период.
Оваа фаза, според Ахмети, е многу тешка.
Тој го потенцираше заминувањето на младите од Македонија и од Албанија во европските земји, а за ова да се спречи, тој нагласи дека стандардите на двете земји треба да се усогласат со оние на земјите од ЕУ. Во таа насока, Ахмети истакна дека уставните измени нема да му наштетат на македонскиот идентитет, туку, напротив, дека ќе го зајакнат.
„Без Албанците нема Македонија“,
рече меѓу другото Ахмети.
По средбата, изјава даде и првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари кој кажа дека средбата повеќе наликувала на релаксирачка вечера за почетокот на годината, а на неа, како што рече, се разговарало за предизвиците кои ги очекуваат Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ.
Според Таравари, нема партија од албанскиот блок во Северна Македонија која е против интеграција на земјата во Европската Унија, односно дека партиите на Албанците се „за“ најавените уставни измени.
Дека средбата поминала со разговор во чиј фокус била заедничката иднина на двете земји во ЕУ потврди и лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи кој кажа дека освен за ова прашање, на средбата не се разговарало за ништо поконкретно.
„Братска средба. Зборувавме за нашата заедничка иднина на патот кон Европската Унија, а не за нешто поконкретно“,
рече Тачи.
Средбата на лидерите на партиите од албанскиот блок во Македонија беше иницирана од премиерот на Албанија Еди Рама. На средбата беа присутни лидерите на сите политички партии на Албанците во земјава освен првиот човек на Беса, Билал Касами, кој, иако беше поканет не присуствуваше на средбата.