Според фотографијата, се работи за неформална средба во форма на вечера која, како што јавија албанските медиуми, се одржува во владината вила
Премиерот на Албанија, Еди Рама, вечерва на својот профил на Фејсбук објави фотографија од средбата со лидерите од албанскиот политички блок во Северна Македонија кои денеска, на покана на албанскиот премиер, се во посета на Тирана.
Според фотографијата, се работи за неформална средба во форма на вечера која, како што јавија албанските медиуми, се одржува во владината вила.
На фотографијата која ја објави Рама на Фејсбук, присутните на средбата наздравуваат со чаша црвено вино.
„Нека биде добра година за Албанците каде и да се. На здравје!
напиша Рама во описот на фотографијата.
#Албанско братсво“,
На средбата со албанскиот премиер во Тирана која започна доцна попладнево, присутни се лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, првиот човек на Алтернатива, Африм Гаши и лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи.
Единствено лидерот на Беса, Билал Касами, кој исто така, беше поканет на средбата, ја одби поканата и не дојде во Тирана, оти, како што изјави претходно, не сакал да седне на иста маса со Ахмети.
Албанската „Њуз 24“ претходно вечерва јави дека на состанот станало збор за внатрешно-политичката ситуација во Северна Македонија, како и за улогата на албанските партии во надминувањето на ќорсокакот за обезбедување мнозинство, бидејќи Собранието мора да направи одредени уставни измени поврзани со напредокот и продолжувањето на процесот на евроинтеграции на земјава.