Ова прашање американската амбасадорка го оцени како „навистина важно и примарно за водството на Република Северна Македонија“
Соединетите Американски Држави (САД) го поттикнуваат водството на С Македонија и избраните функционери (пратениците н.з.) да работат во интерес на граѓаните што е можно побрзо и да ги направат сите можни измени кои ќе овозможат отворање на пристапниот пат кон Европската Унија.
Ова денеска го изјави американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, одговарајќи на новинарско прашање во врска со уставните измени, како еден од условите за продолжување на пристапните преговори со ЕУ.

Ова прашање американската амбасадорка го оцени како „навистина важно и примарно за водството на Република Северна Македонија“.
„Како што знаете САД, и ова го повторивме многупати досега, го поддржуваме придвижувањето кон евроатлантската интеграција како една долгорочна цел на оваа земја и сме неверојатно задоволни од пристапувањето во НАТО и веруваме дека пристапувањето во Европската Унија е од клучно значење и ќе има големи придобивки за оваа земја. Го поттикнуваме водството и избраните функционери на оваа земја да постапуваат во интерес на нивните граѓани и да постапуваат што е можно побрзо и да ги направат сите можни измени кои ќе овозможат отворање на пристапниот пат кон ЕУ“,
изјави Агелер на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи, на кој тој претходно ги претстави приоритетите и целите на земјава за време на нејзиното претседавање со Јадранската повелба оваа година.
„Знаеме дека ова се тешки одлуки за оваа земја, граѓаните на оваа земја веќе имаат донесено многу тешки одлуки, но ние поддржуваме се што ќе ви овозможи придвижување на кон тој пат“,
додаде американската амбасадорка.
Уставните измени, со кои Бугарите треба да влезат во највисокиот државен правен акт, речиси со сигурност ќе биде главниот политички момент во текот на годината која штотуку почна.
Измените се услов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ, кои произлегуваат од францускиот предлог со кој беше тргнато бугарското вето за патот на земјава кон европска интеграција.
Во моментов, политички консензус по ова прашање меѓу политичките партии од власта и опозицијата нема. Додека владејачките партии се се обидуваат да направат терен за отпочнување на процедурата за уставни измени во Собранието, опозициската ВМРО-ДПМНЕ се противат на отворање на Уставот во врска со ова прашање и од партијата бараат предвремени избори.
Во една од последните изјави од ВМРО-ДПМНЕ за ова прашање, на 4 јануари изјавија дека досега партијата не добила покана за какви било разговори за уставните измени. Оттаму посочија дека тие нема да одбијат средба, но ќе повторат дека нема да поддржат уставни измени.
Измените на Уставот со одржување на предвремени избори ги услови и партијата Беса на Билал Касами, што дополнително ја комплицира ситуацијата за владејачкото мнозинство, кое иако мнозинство сепак, засега ги нема неопходните две третини пратенички гласови во Собранието, потребни за измените.